Професорот на Универзитетот во Грац и експерт за Југоисточна Европа, Флоријан Бибер смета дека тврдењето на Софија дека Северна Македонија треба да го признае бугарското потекло на македонската нација и да ги признае нејзините бугарски корени е гротеска
Со месеци Бугарија зад сцената врши притисок врз Северна Македонија за да ја натера да се согласи на далекусежни отстапки, за Бугарија да не стави вето на пристапните преговори со ЕУ… Во последниве недели, барањата станаа јавни – не само што се закануваат да го запрат процесот на пристапување кон ЕУ за Северна Македонија, туку исто така тие ги погазуваат вредностите на ЕУ.
Вака коментира професорот на Универитетот во Грац, Флоријан Бибер, кој важи за експерт за политиката и историјата во Југоисточна Европа и воедно е координатор на Советодавната група за политика Балканот во Европа.
Бибер во својата анализа објавена денеска во Јуропиан вестерн Балканс, под наслов „Како бугарското изживување со Северна Македонија повторно го загрозува проширувањето на ЕУ“, потсетува дека бугарската Влада во различните јавни и дипломатски изјави и меморандуми, бара во разговорите за пристапување во ЕУ, македонскиот јазик да не се нарекува така. Со тоа имплицира дека Бугарија може да се спротивстави на македонскиот јазик да стане официјален јазик на ЕУ, смета Бибер.
Притоа, тој посочува на искуството дека за време на изминатите преговарачки процеси, секоја идна членка имала избор да одлучи за јазикот што ќе го користи, и притоа некоја друга членка да не го негира постоењето на јазикот или да се спротивстави на тоа како се нарекува.
„Да, бугарскиот и македонскиот јазик се тесно поврзани, но има изразени разлики. Тоа би било слично како Хрватска да стави вето на разговорите за пристапување на Србија и Црна Гора, бидејќи обете земји користат јазици слични на хрватскиот и да се обиде да ги принуди да го прифатат хрватскиот јазик за свој официјален јазик“,
аргументира Бибер во анализата.
Тој понатаму се осврнува и на вториот, како што го нарекува, главен камен на сопнување покрај јазикот – историјата.
Тој тргнува од тврдењето на бугарската Влада дека нема македонска нација, дека е „вештачка, создадена од комунистичка Југославија“, па објаснува:
„Сите нации се вештачки, бидејќи нациите не се природен начин на кој луѓето живееле од памтивек, туку нациите се современи и честопати од не многу далечно време. Некои се појавија подоцна од другите, но тоа не ги прави повештачки. На крајот, сите нации се темелат на историски митови, вклучително и бугарската“,
вели Бибер во својата анализа.
Тврдењето дека државата треба да го признае бугарското потекло на македонската нација и да ги признае нејзините бугарски корени, како што пред неколку дена побара бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, е гротеска, вели Бибер, посочувајќи дека прво, за таквото тврдење нема јасни докази и второ, тоа не треба да биде политичка, туку историска тема.
„Ова го тврдат бугарските националистички историчари, но многу историчари на Балканот покажуваат дека македонската нација се појавила кај словенското население во османлиската провинција Македонија, од кои многумина немале јасен национален идентитет пред да се декларираат себеси како Македонци. Иако постојат блиски врски помеѓу двата народа, обидот да се наметне таков став, ја поедноставува историската комплексност“,
вели Бибер.
Во контекст на неговото тврдење дека со прашањето треба да се занимаваат историчарите, а не тоа да биде предмет на политичко тргување, Бибер го посочува Договорот за пријателство со кој е формирана експертската комисија која треба да работи на историските контроверзи. Тој посочува дека и покрај ова, бугарската Влада се залага за брзи резултати, наместо да им дозволи на историчарите да работат внимателно и аполитички.
„Се чини дека Бугарија тоа го гледаше претежно како вежба за Северна Македонија да го преиспита својот историски наратив, но не и својот, вклучувајќи ја контроверзната бугарска окупација на Македонија и Јужна Србија за време на Втората светска војна и депортацијата на еврејското население од окупираните земји во нацистичкиот логор на смртта во Треблинка“,
пишува Бибер.
Професорот Бибер исто така, потсетува дека Бугарија побара од Северна Македонија да се откаже од тврдењето дека во Бугарија има македонско малцинство, додека истовремено бара да не бидат дискриминирани македонските граѓани кои се идентификуваат како Бугари.
„Ова е класичен пример кога сакаш се само во своја полза. За малцинствата не може да се преговара меѓу државите и тоа треба да биде прашање на самоидентификација. Советодавниот комитет на Рамковната конвенција на Советот на Европа за заштита на националните малцинства постојано забележува дека Бугарија треба да го признае македонското национално малцинство, последно тоа го има во нејзиното мислење од мај 2020 година. Бугарија не може да го негира неговото постоење, а истовремено да бара признавање на бугарско малцинство во Северна Македонија“,
истакнува Бибер.
Заканата од бугарската Влада да стави вето на почетокот на пристапните преговори за Северна Македонија, според Бибер е едно лошо потсетување на случајот со Грција и блокадата поради името, кој по 25 години беше затворено со Договорот од Преспа во 2018 година. Но во случајот со Бугарија, според Бибер, особено проблематично е што веќе постои Договор за пријателство меѓу двете земји кој требаше да ги затвори отворените прашања. Токму затоа, тој во бугарските приговори сега гледа врска со домашната политичка ситуација и играње на националистичка карта како одговор на силните протести против Владата во последните месеци и влијанието на крајно десничарските националисти ‘Обединети патриоти’, кои се коалициски партнер во Владата на Борисов.
Но, Бибер потсетува дека без разлика на мотивот, тие можат да нанесат огромна штета за Северна Македонија.
„Без оглед на домашните мотиви за бугарските тврдења, тие ризикуваат да создадат непоправлива штета. Северна Македонија е очигледна жртва. Прво, таа беше блокирана од грчките приговори, аа откако тие беа решени, Франција стави вето на почетокот на преговорите за пристапување во ЕУ, најмногу поради нејзината резервираност кон Албанија. Откако ЕК прифати методологија за проширувањето, сега Бугарија се заканува дека ќе го блокира процесот“,
го објаснува тој, патот на нашата земја до сегашната позиција.
Тој смета дека е сосема разбирливо дека по, како што ја нарекува „болната“ промена на името со Грција, во Северна Македонија има низок степен на толеранцијата за какви било понатамошни отстапки поради малтретирање од некоја соседна земја.
„Ризично е да биде казнета земја што презеде повеќе напори од која било друга во последните години за да се ослободи од авторитарното владеење, да ги реши отворените билатерални прашања и да продолжи со реформите. Тоа ќе ги наруши напорите на реформаторите, додека националистичката опозиција радосно ќе тврди: ‘Нели ви кажавме’“,
смета Бибер.
Но, Бибер, во ваквиот потег гледа многу поголема штета, бидејќи тој ќе поттикне и други земји-членки да ставаат вето и тоа ќе го наруши уште повеќе проблеми во проширувањето на ЕУ.
„Ако Бугарија се извлече од тоа, другите земји од Западен Балкан ќе се обесхрабрат, додека членките на ЕУ може да се охрабрат да најдат некои отворени прашања со земјите – кандидатки за членство. Но, на крајот најголемата штета е на самата ЕУ. Унијата се заснова на признавање на различноста и разликите. Давањето можност за различни идентитети е клучна премиса на Унијата и им овозможува на членките да работат заедно без да си го наметнуваат својот поглед на минатото или нивниот национален идентитет. ЕУ е заснована на консензус, што исто така значи дека ниту една држава или нација не може да им го наметнува својот историски наратив на другите. Ова е многу важно особено на Балканот, каде земјите и нациите, особено малите, честопати сметаа дека се жртви на амбициите на поголемите соседи. Европската интеграција е за да им даде на државите и нивните граѓани поголема еднаквост и чувство на безбедност, наместо да се поткопуваат“,
посочува Бибер.
На крајот, тој посочува дека има многу историски полемики меѓу земјите-членки, но треба да им се даде простор на историчарите заеднички да најдат решение.
„Сепак, нивната работа не е да ја пронајдат или да ја ‘признаат’ вистината, како што бара бугарската Влада. Наместо тоа, историчарите треба да бидат оставени да се согласат или да не се согласат, или да признаат дека историските записи се комплицирани“,
заклучува професорот Бибер во неговата анализа во Јуропиан Вестерн Балканс.
Целиот текст може да го прочитате тука.