Тој и уште неколку Бугари утрово сакале да влезат во земјава по повод традиционален настан што се одржува на Ѓурѓовден на бугарските воени гробишта кај струмичко Ново Село, но не им било дозволено. Европратеникот вели дека е крајно изненаден и оти забраната за влез е спротивна на интересите на Република Северна Македонија. Во моментов, вели тој, во Европскиот парламент се расправа за извештајот за РСМ и затоа е нелогично да не им се дозволува влез на членови на ЕП

Македонската гранична полиција не им дозволи влез во земјата на бугарскиот европратеник од ГЕРБ, Андреј Ковачев, како и на Милен Врабески и уште тројца Бугари, пренесе бугарската новинска агенција БГНЕС.
Тие утрово, пишува агенцијата, како и секоја година тргнале да учествуваат на панихидата за починатите на бугарските воени гробишта во струмичко Ново Село.
„За жал, не смеев да одам на традиционалната прослава на Ѓурѓовден во струмичко Ново Село. Повеќе од 10 години на Ѓурѓовден одам во Ново Село, Македонија, на нашите Бугарски воени гробишта. Оваа година повторно тргнав натаму и на мое големо изненадување и чудење, ни рекоа дека има одлука да не нè пуштат, но никому не објаснија кои се мотивите“,
вели Ковачев за БГНЕС.
Тој вели дека е крајно изненаден и посочува дека пред само неколку ден се сретнал со министерот за надворешни работи Бујар Османи, како и дека тие, ГЕРБ и лидерот на партијата Бојко Борисов, прават сè што е можно за да се ослободи патот за Република Северна Македонија кон ЕУ.
„Затоа, случајот е апсолутно нејасен за мене, ова е инерција од минатото, инерција во нивните служби затоа што нивната служба за безбедност има список со лица кои се непожелни за влез во Македонија. На политичко ниво ние не би требало да имаме никакви проблеми, особено не за такво нешто како што е одбележување на Ѓурѓовден“,
вели Ковачев.
Тој во изјавата за БГНЕС наведува дека досега никогаш немал проблеми и оти секоја година на Ѓурѓовден имало убава свеченост во Ново Село.
„Така ќе биде и оваа година – со македонско, со бугарско знаме, со служење на погребна литургија од струмичкиот митрополит Наум, со воени аташеа акредитирани во Северна Македонија – официјална и убава церемонија на која, за жал, нема да можеме да присуствуваме“,
вели Ковачев.
Европратеникот во изјавата додава дека забраната за влез е спротивна на интересите на Република Северна Македонија. Во моментов, вели тој, во Европскиот парламент се расправа за извештајот за РСМ и затоа е нелогично да не им се дозволува влез на членови на ЕП.
БГНЕС објавува и документ за кој се тврди дека му е издаден на Ковачев од македонската гранична полиција на преминот „Ново Село“, а во него како причини за одбивањето за влез во Северна Македонија се наведени (под А) тоа што „не поседува валидна патна исправа или друг документ пропишан за преминување на државната граница“ и (под Б) „поседува лажен/фалсификуван патен документ“.