Има парцијални решенија кои делумно ги решаваат работите, а создаваат поголеми проблеми. Сега токму тоа го правиме и бараме решение за една методологија која ќе важи за цел јавен сектор. Во наш интерес е тоа решение што побрзо да се постигне за да може подоцна во еден прифатлив период, во рамки на можностите, тоа да се реши, вели министерот за финансии

За платите во јавниот сектор се води економско-социјален дијалог во кој со Синдикатите разговараме да најдеме едно решение кое ќе биде одржливо, системско и кое ќе важи за сите, вели министерот за финансии Фатмир Бесими.
Според него, сега има ситуација каде што системот на плати во јавниот сектор е многу фрагментиран.
„Има парцијални решенија кои делумно ги решаваат работите, а создаваат поголеми проблеми. Сега токму тоа го правиме и одиме со намера да најдеме решение со една методологија која ќе важи за цел јавен сектор. Во наш интерес е тоа решение што побрзо да се постигне за да може подоцна, во еден прифатлив период, во рамки на можностите, тоа да се реши“,
додаде Бесими.
За решавање на проблемот, Бесими вели дека се на линија на разговори со синдикатите, со кои се партнери во изнаоѓање на решение.
„Во синдикатите гледаме партнер да ги решиме овие работи. Треба да има едно системско, одржливо решение кое ќе важи за сите во јавниот сектор и со кое ќе нема потреба секои шест месеци да се преговара со синдикатите. Напротив, да имаме решение кое секоја година ќе важи и тоа во рамки на законот и Општиот колективен договор. Како што минималната плата расте по сила на закон и нема потреба повторно да се преговара, како што пензиите растат по сила на закон, така да биде и со ова решение“,
рече Бесими.
Во однос на информациите дека ќе има замрзнување на платите, Бесими кажа дека такво нешто во никој случај не е кажано.
„Нема замрзнување на платите, такво нешто во никој случај не е кажано. Напротив, во последните три-четири години постојано во цел јавен сектор има движење на платите, како што се образованието, здравството, безбедносните структури, инспекторатите, судството, обвинителството. Значи секаде каде што е констатирана потреба, секоја година имало коригирање на платите нагоре“,
рече Бесими.
Бесими ги негираше и информациите дека јавниот сектор од наредената година ќе добие покачување на платите. Тој рече дека таква изјава не дал и дека не треба да се извртуваат зборовите затоа што станува збор за чувствително прашање.
„Нема да го решиме прашањето ако одиме парцијално и краткорочно. Треба да се дискутира со аргументи“,
рече Бесими.
Новото решение треба да понуди достоинствени плати за државната администрација и да не дозволи да се случи одливот на кадар, што му се случил на Министерството за финансии каде што платите интервентно биле зголемени за да се задржат вработените.
„Во Финансии, на жалост во изминатите четири години 20 отсто, или над 170 вработени го напуштиле Министерството. Тоа е сериозна бројка на која ние мора да внимаваме. Буџетот и трезорот треба да имаат сервисирање, на жалост квалитетните си заминуваат. Платите во приватниот сектор за делот за финансии, се со позначителна разлика. Затоа е најдено сегашното решение кое го има како пракса и во други земји“,
кажа министерот Бесими.
Барањето на синдикатите просечната плата да се земе како основица, како што кажа Бесими, е прифатливо, но со временска дистанца. Во моментот, посочи, во Министерството за финансии се прават пресметките.
За платите во јавниот сектор, вчера и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи рече дека треба да има иста методологија. И Битиќи потврди дека во овој период се пред крај со преговорите со синдикатите за општиот колективен договор и новата методологија на плати која понатаму ќе се усогласи со сите закони во државата.
Вицепремиерот Битиќи, исто така, рече дека се согласува со барањето на синдикатот основа за пресметка на плата да биде просечната и да се исплаќа веднаш од оваа година.