На средбата меѓу Бесими и Хан се истакнала поддршката којашто Северна Македонија може да ја очекува од Европската Унија како партнер во спроведување на реформите на евроинтеграцискиот пат, реализацијата на проекти, но и во поддршката на политиките и мерките што ги спроведува Владата во справување на кризата
Министерот за финансии Фатмир Бесими денеска во Брисел оствари средба со еврокомесарот за буџет и администрација Јоханес Хан на која било нагласено оти Северна Македонија може да смета на поддршка од Европската комисија за барањата на Министерството за финансии за макро финансиска поддршка на земјава.
На средбата меѓу Бесими и Хан се истакнала поддршката којашто Северна Македонија може да ја очекува од Европската Унија како партнер во спроведување на реформите на евроинтеграцискиот пат, реализацијата на проекти, но и во поддршката на политиките и мерките што ги спроведува Владата во справување на кризата.
На средбата со еврокомесарот Хан, Бесими ги посочил напорите кои Владата ги вложува за да одговори на предизвиците што произлегуваат од кризата и да продолжи со политиките кои ќе донесат забрзан економски раст.
Било истакнато и носењето на новиот Закон за буџети , кој како што нагласил Бесими, треба да донесе суштински промени во управувањето со јавните финансии како и напорите на МФ за јакнење на фискалната транспарентност.
„Нашата земја веќе трета година, како и целиот свет, е во криза. По двегодишната ковид-криза, се надоврза енергетската и ценовната криза. Беа донесени пакети мерки од 1,1 милијарда евра за поддршка на населението и бизнисот во ковид-кризата, како и два пакети од 750 милиони евра за амортизирање на ударот од актуелната криза. Дополнително од буџетот за да се обезбеди субвенционирана цена за снабдување со електрична енергија на граѓаните и околу 70 илјади компании на регулираниот пазар се пласирани директно во ЕСМ 240 милиони евра за производство на електрична енергија и за обезбедување топлинска енергија. Со тоа поддршката кон населението и стопанството достигнува една милијарда евра. Тоа е значителен притисок врз буџетот и јавниот долг, но значајно е дека политиките што ги спроведуваме беа препознаени од меѓународните финансиски инститиуции и успеавме да го обезбедиме финансирањето и да го затвориме со најнизок можен трошок“,
рече министерот Бесими.
На средбата, Бесими и Хан се осврнале и на активностите што се одвиваат во рамки на пристапниот процес на земјава во ЕУ по одржувањето на Првата меѓувладина конференција и почнатиот скрининг процес, како и на спроведување на препораките нотирани во Извештајот за напредокот на РС Македонија за 2022 година, се вели во соопштението од Министерството за финансии.