За лицата, наводно работно ангажирани, Иљази ретроактивно за април и мај 2024 година издала два платни налози и извршила исплата на месечен надомест на 31.5.2025 и 14.06.2024 за наводниот работен ангажман во вкупен износ од 659 781 денари со вклучен персонален данок на доход
Бесија Иљази, поранешната организациска директорка на Клиниката за токсикологија, доби кривична пријава под сомнение дека ја злоупотребила службената положба и овластувањата што ги имала и ја оштетила установата за износ од 659 781 денари.
Иљази, како што информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР), со намера да овозможи противправна имотна корист за 17 лица, пречекорувајќи ги своите службени овластувања на 15.05.2024 склучила 15 договори за дело со 15 лица кои биле работно ангажирани на Универзитетската клиника за токсикологија, но и со други лица кои биле без регулиран правна основа за нивно присуство на клиниката.
За лицата, наводно работно ангажирани, Иљази ретроактивно за април и мај 2024 година издала два платни налози и извршила исплата на месечен надомест на ден 31.5.2025 и 14.6.2024 за наводниот работен ангажман во вкупен износ од 659 781 денари со вклучен персонален данок на доход.
Од МВР велат дека наведените исплати се извршени противправно, за период кога со истите лица клиниката немала склучено договори за дело и за период на избори.
„Исплатите биле извршени спротивно на наведените законски одредби, при што за наведените исплати бил пресметан и исплатен персонален данок во износ од 23 334 денари за април и 42 647 денари за мај 2024 година, со што пријавената Б.И. ја оштетила ЈЗУ Универзитетска клиника за токсикологија за вкупен износ на извршените исплати со платен данок од 659 781 денари, овозможувајќи им противправна имотна корист на претходно наведените лица во поединечни износи како претходно наведените месечни плаќања“,
се наведува во соопштението од МВР.
Иљази, иако знаела дека истиот ден кога е назначена за в.д. организациски директор во ЈЗУ Универзитетска клиника за токсикологија, распишани се претседателски и парламентарни избори, како и дека согласно Законот за спречување корупција и судир на интереси, Изборниот законик, како и Закон за здравствена заштита таа не смее да склучува договори за вработување на лица, договори за дело на работно ангажирање на лица, како и вонредни исплати за време на избори. Таа знаела и дека истите за да бидат употребени во правен промет задолжително треба да бидат потпишани од двајца директори, таа сепак склучила 15 договори за дело.
Исто така, се додава во соопштението од МВР, на Б.И. и било познато дека од страна на в.д. медицинскиот директор на ЈЗУ Клиника за токсикологија на 28.03.2024 година се известени сите работници чии договори се истечени дека нивните обврски со Клиниката се завршени, се до нивно повторно ангажирање.
„Но, и покрај тоа 11 здравствени работници со знаење на пријавената и без склучен договор за вработување или договор на дело, продолжиле да доаѓаат на работа во Универзитетска клиника за токсикологија“,
информираат од МВР.
Клиниката за токсикологија изминатиот период ја тресеа низа скандали. Неа ја предводеше само организациската директорка Бесија Иљази, откако министерот за здравство Илир Демири на 14 мај го разреши медицинскиот директор д-р Данил Петровски.
Иљази додека беше директорка велеше дека Токсикологија има потреба од вработување на 18-те лица предизвикаа превирања во јавноста. Таа увидела дека Клиниката има потреба и затоа инсистирала да се направат договорите и вели дека се обидува максимално да го реши овој проблем. Таа додава дека на 28 февруари било испратено барање до Министерството за здравство, кое било прифатено и од каде што добиле дозвола дека слободно може да се направат договорите.
Иљази велеше дека таа не може да биде обвинета за ништо, затоа што работи транспарентно и професионално, почитувајќи ги законите.
Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) на 22 мај извршија контрола на Клиниката за токсикологија, за да ја проверат валидноста на договорите за вработување кои се направени за 18-те лица што беа спорни во изминатиот период и рекоа дека предметот ќе го испратат до Министерството за здравство.
Контролата на Клиниката беше извршена откако на 2 мај од ДСЗИ издадоа решение во кое се забрани пристап на здравствени работници и работници кои немаат важечки договори за вработување и извршување здравствена дејност.
Директорката на ДСЗИ тогаш рече дека засега нема казни и санкции, но Министерството за здравство има ингеренции да постапува за валидноста и дека за тоа треба да се изјасни правниот сектор.