Според организаторите, попладнево во Белград ќе се одржи прошетка во рамки на „Европрајд“ и покрај полициската забрана. Протестната прошетка ќе се организира од 17:30 часот на релација од Уставниот суд до стадионот „Ташмајдан“ каде вечерва ќе се одржи концерт, соопштија организаторите
Управниот суд објави решение со кое ја отфрла тужбата против забраната на прошетката. Српското Министерство за внатрешни работи пред неколку дена соопшти дека се забранети и двете прошетки – онаа за „Европрајд“, како и онаа што требаше да биде своевидна „контра-прошетка“ – семејна организирана од „антиглобалисти“
Освен тоа, денеска ќе биде отежнато движењето низ Белград и од други причини. Во центарот на градот се одржуваат промоција на нови офицери на Вооружените сили на Србија како и “Red Bull F1 Showroom“
Централните белградски булевари се веќе затворени, јавува репортерот на „Н1“. Организаторите на ,,Европрајд“ не се откажуваат од прошетката без оглед на правните потешкотии со кои се соочуваат деновиве, вклучително и утрово кога Управниот суд ја одби нивната жалба по забраната за протестен марш.
Организаторите на „Европрајд“ најавија дека ќе се жалат до Уставниот суд кој претходните четири забрани веќе ги прогласи за неуставни.
Најавија и дека собирот пред прошетката ќе започне во 16:00 часот пред Уставниот суд, а крајот на собирот и почетокот на прошетката ќе бидат во 17:30 часот. Во 18:15 часот е планирано влегување на стадионот „Ташмајдан“ каде, според најавите, концертот ќе трае до два часот по полноќ.
Инаку, по уште едно барање до Министерството за внатрешни работи за одобрување на нова траса за прошетката „Европрајд“, синоќа министерот за внатрешни работи Александар Вулин соопшти дека забраната за одржување на прошетката останува на сила.
Координаторот на „Европрајд“, Горан Милетиќ, претходно ги информираше медиумите дека покрај барањето до Министерството за внатрешни работи, до Владата на Србија поднеле и петиција со 27 000 потписи со која бараат одржување на прошетката.

Фото: EPA-EFE/ANDREJ CUKIC
Тој најави и како ќе изгледа новата рута за учесниците на протестната прошетка – собирање пред Уставниот суд, а понатаму по булеварот „Крал Александар“, „Београдска“, „Илија Гарашанин“ и целта – „Ташмајдан“.
Милетиќ рече и дека не може да верува оти полицијата нема да биде таму за да го обезбедува собирот. „Не се плашам, имам доверба во државните органи и не верувам дека постои политичка волја полицијата да не биде таму“, рече тој.
Истовремено, „контра-прошетка“ и собир против „Европрајдот“ се најавени за попладнево во 16:30 часот пред храмот ,,Свети Сава“ – настан кој, исто така, беше забранет од полицијата, јавува весникот „Данас“.
