Во врска со спорниот проект кај Холидеј Ин кој е актуелен во јавноста деновиве, советничката во Советот на Општина Центар вели дека краток е рокот да се најде решение – 2 недели за Богдановиќ да потпише или да ги врати парите
Градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ посочи дека во овие две недели, општината ќе направи се што е во нејзина моќ во однос на спорниот проект кај Холидеј Ин
Советничката во Совветот на Општина Центар Јана Белчева вели дека граѓаните гласале за нив со цел во оваа општина да има мораториум за нови градби, додавајќи дека оваа „рашомонијада“ која ги поткопува темелните вредности на хуманото живеење во Скопје ја наследиле, но не смееле да ја продолжат.
„Дојдовме на власт во 2017 година со едно ветување, не дека ќе покажеме немоќ, туку дека ќе покажеме сила да ги менуваме работите на подобро. Луѓето нам ни дадоа доверба дека ние можеме да направиме промена. Нашата платформа која склучи коалиција тогаш со СДСМ имаше, прво и основно, барање мораториум за градби и тоа навистина се реализира во декември 2017 година“,
рече советничката Белчева во дебатниот магазин „Клик плус“ на ТВ21 во која беше со градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ.
Во врска со спорниот проект кај Холидеј Ин кој е актуелен во јавноста деновиве, таа вели дека краток е рокот да се најде решение.
„Ние во моментов треба, Општина Центар, да постапи чесно, транспарентно и да застане зад волјата на граѓаните. Најлошото што го слушаме е немоќта на институцијата – општина Центар. Напротив, мислам дека треба да размислиме што понатаму. Целта ни е да има правичност, неселективност, транспарентност и да се заштити интересот на граѓаните. Општина Центар не смее да биде условена со платените комуналии, да го стави последниот потпис. Барајќи вина или критики на институциите, нема да направиме ништо. Сега времето ни е кратко и градоначалникот има рок од 2 недели да стави потпис, или да ги врати парите“,
рече Белчева.
Богдановиќ, пак, рече дека не е спорно да се вратат парите и најави две можни решенија.
„Во овие две недели ќе отвориме постапки. Но, решение може да биде Министерство за транспорт и врски, кое може да потпише суспензија на елаборатот, но и ДКСК со поведување на одредени постапки. Ние не бегаме од одговорност, но притисокот треба да се пренасочи и кон другите одговорни институции“,
рече Богдановиќ.