Претставникот на Советот за национална безбедност Џон Кирби изјави дека Москва внимателно следи дали Вашингтон ќе продолжи со поддршката за Киев
Белата куќа синоќа ги повика сенаторите да се спогодат во врска со долгоочекуваната и витална помош за Украина и безбедноста на границите по извештаите за тоа дека поранешниот претседател Доналд Трамп, кој се бори за реизбор, се обидел да спречи таква спогодба.
Дел од американските медиуми јавуваат дека Трамп преку спикерот на Претставничкиот дом ги повикал републиканците да не гласаат за договор и со тоа демократскиот претседател Џо Бајден да се лиши од политичка победа пред ноемвриските избори.
Само пред неколку дена се чинеше дека републиканците и демократите во Сенатот се пред договор за воена помош за Украина и борба со нелегалната имиграција на мексиканската граница.
Заменик-портпаролот на Белата куќа, Оливија Далтон, синоќа во салонот на претседателскиот авион, рече дека администрацијата на Бајден работела со републиканците со најдобра намера да се постигне договор. Дел од таа добра намера беше минатонеделната средба на Бајден со конгресните лидери.
Претставникот на Советот за национална безбедност Џон Кирби изјави дека Москва внимателно следи дали Вашингтон ќе продолжи со поддршката за Киев.

„Украина влегува во неколку критични месеци бидејќи зимата е во полн ек и доаѓа пролет, а Русите немаат намера да ги намалат нападите со беспилотни летала и ракети“,
изјави тој.
За Трамп, имиграцијата е главна точка во неговата изборна кампања да се врати во Белата куќа и тој одамна е против зголемувањето на помошта за Украина. Додека беше претседател, тој го услови давањето помош за Украина, а во замена Киев да сподели компромитирачки материјал за Џо Бајден и бизнис-зделките на неговиот син во Украина.
Трамп поради тоа беше ставен на процедура за импичмент која заврши неуспешно.