„Ако продолжи овој тренд (н.з. на зголемување на цените), особено за домашните производи кои се произведуваат во С Македонија, тогаш сигурно ќе донесеме одлука која ќе ги укине сите давачки кои се за увезените производи и тоа нема да се совпаѓа со заштитата на домашните производи, туку моментално главниот интерес е само заштитата на потрошувачите и граѓаните на С Македонија“, рече министерот за економија во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат
Министерот за економија Крешник Бектеши вели дека е повеќе од сериозен во намерата против нереално високите цени на одредени прехранбени производи да се бори и со укинување на увозните давачки.
„Јас сум повеќе од сериозен и таква одлука за одредени прехранбени производи веќе донесовме, за млеко и павлака, и сигурно може да се случи списокот на производи да се зголеми и што се однесува на укинување на даноците, но истовремено што се однесува на маржите или целосно замрзнување на некои од цените и со тоа компаниите да конкурираат меѓу нив, но и со производи кои доаѓаат од надвор“,
рече Бектеши во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат.
На новинарската констатација дека тој, всушност, прстот го вперува кон домашни производители на храна, министерот одговориу дека е свесен дека ова е спротивно на заштитата на домашното производство, но смета дека сега главниот интерес е оној на граѓаните.
„Ако продолжи овој тренд, особено за домашните производи кои се произведуваат во Северна Македонија, тогаш сигурно ќе донесеме одлука која ќе ги укине сите давачки кои се за увезените производи и тоа нема да се совпаѓа со заштитата на домашните производи, туку моментално главниот интерес е само заштитата на потрошувачите и граѓаните на Северна Македонија“,
вели тој.
Прашан зошто досега не е изгласан законот за заштита на потрошувачите со кој треба да се воведат механизми против нечесни и измамнички трговски практики, во контекст на нереалното зголемување на цените, Бектеши одговори дека текстот на предлог-законот денеска е разгледан на соодветните комисии.
„Речиси пред одморите е пратен законот за заштита на потрошувачите во Собранието од страна на Владата. Според информациите, денес во текот на денот завршиле комисиите каде е разгледан текстот на законот. Предвидени се мерки кои ги споменавте, со една цел и пазарниот инспекторат, а и други инспекторати да имаат дополнителна можност да вршат контроли и да носат одлуки кои, можеби, не се популистички одлуки, туку се одлуки со единствена цел да се заштити потрошувачот и да не се дозволи во време на војна, глобална криза да се манипулира врз грбот на граѓаните. Зошто го велам ова, бидејќи со актуелниот Закон за заштита на потрошувачи нема можност да се преземат радикални мерки за прекршителите кои можат да го искористат моментот“,
рече Бектеши.
Министерот е убеден дека има манипулации со цените, особено на некои основни продукти токму поради недонесениот закон за заштита на потрошувачите. „Со новиот Закон, пазарниот инспекторат ќе има дополнителни механизми“, смета тој.