Министерот за економија Крешник Бектеши вели граѓаните да бидат смирени и да не прават резерви од храна бидејќи се преземени сите мерки за да нема зголемување на цените на основните продукти, а количини има доволно.
„Кога станува збор за основните животни продукти, граѓаните да знаат дека нема ниту малку простор за паника. Министерството за економија како компетентен орган одблиску ги мониторира сите состојби. Ќе имаме многу предизвици, но ги следиме работите на терен“,
рече Бектеши.
Тој ја повтори мерката за забрана на зголемувањето на цените на основните продукти што Министерството ја донесе во понеделникот.
„Изминативе денови бевме сведоци на многу барања од страна на граѓаните коишто купуваат резерви од страв дека ќе пораснат цените. За да не пораснат цените, ние веднаш преземавме мерки. Ги уверувам граѓаните дека имаме доволно количини и во договор со супермаркетите и најголемите добавувачи на храна и на стоки ќе го спречиме зголемувањето на цените. Како една од мерките ќе предложиме и забрана за извоз на брашното и пченката кон сите земји на неодредено време“,
додаде Бектеши.
Во моментов, вели тој, се прават анализи заедно со Министерството за земјоделство, Царинската управа и Министерството за финансии и во реално време ги следиме увозот и извозот на основните продукти.
На денешната прес-конференција во Владата беа презентирани повеќе мерки за заштита на економијата од можни шокови како последица на состојбата со коронавирусот.
*ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Економски мерки на Владата: Кредити без камати и субвенции за плаќање на придонесите за вработените
Ангеловска-Бежоска: Економијата е стабилна, но нè загрижуваат ризиците во реалниот сектор