Гувернерката на Народна банка, Анита Ангеловска-Бежоска ги претстави мерките што ги презема централната банка со цел справување на економските ризици, како последица од коронавирусот.
На вчерашната вонредна седница на Советот на Народна банка се разгледале сет мерки во насока на поддршка на економијата.
„Првата мерка донесена вчера е мерката за ставање во функција на еден неконвенционален инструмент кој ни стои на располагање и го користевме во посткризниот период за потаргетирано да може да дејствуваме во одредени сегменти во економијата. Сите нови кредити што ќе бидат одобрени на погодените сектори, вклучително и постојните кредити кои ќе бидат реструктурирани, нивниот износ ќе се смета за одбивна ставка од основицата врз која се пресметува износот на задолжителната резерва. Тоа значи ослободување поголема ликвидност на банките во системот“,
соопшти Ангеловска-Бежоска.
Таа додаде дека ги загрижуваат ризиците што се насочени кон реалниот сектор.
„Имајќи ја предвид макроекономската стабилност и просторот што го имаме како монетарна политика, Централната банка презема некои мерки во рамки на своите законски надлежности“,
рече Ангеловска-Бежоска.
Таа ги повтори и мерките што беа донесени во рамките на Комитетот за оперативна монетарна политика (КОМП) за намалување на основната каматна стапка за 0,25 процентни поени на ниво од 1,75 отсто, што е историски најниско ниво во нашата економија. Целта на оваа мерка, како што појасни гувернерката, е да се поттикне понатамошно одржување на солиден кредитен економски циклус, кредитна активност насочена кон корпоративниот сектор, насочена кон населението. Ова е генерална мерка со која се влијае на општите финансиски услови.
„Разгледуваме предлог-одлука за методологија за управување со кредитен ризик, каде што фокусот е да се обидеме да влијаеме потаргетирано. Целта е да се олеснат условите за реструктурирање на кредитите на погодените сектори, а самото тоа значи промена на договорните услови што може да вклучи намалување на каматната стапка, одобрување грејс-период, продолжување рок на отплата и слично. Ова се само почетни иницијални информации, зашто оваа одлука се разгледува во соработка со банкарскиот систем, ќе разговараме и со Владата, но набрзо очекувам да биде предложена до Советот и се надевам дека ќе се усвои“,
истакна Ангеловска-Бежоска.
Според неа, најновите расположливи макроекономски податоци покажуваат дека макроекономската состојба е стабилна во услови на ниски инфлациски движења, во услови на високо ниво на девизни резерви и здрав банкарски систем кој, пак, е клучен столб за одржување на финансиската стабилност во нашата економија.
„И на почетокот на оваа година продолжуваат стабилните инфлациски движења. Податоците за првите два месеци од оваа година, укажуваат дека инфлацијата е во просек 0,7 проценти, што е пониско од нашите очекувања. Имајќи предвид тековните движења на цените на примарните производи на светските берзи кои значајно влијаат на стапката на нашата инфлација, се очекува дека го крајот на годината таа би се задржала на ниско умерено ниво и најверојатно под нивото кое ние го проектираме за целата година, а тоа е 1,5 процент“,
рече Ангелоск-Бежоска.
Во однос на девизните резерви, додаде таа, тие се на високо ниво, а во моментов се на нивно од околу 3 милијарди евра. За илустрација што значи оваа бројка, значи речиси двојно повеќе од нивното ниво во 2008 година пред кризата да започне.
„Причината, за ова високо ниво на девизни резерви, кое е многу значајно сега, е значајната акумулација на девизни резерви, откуп на девизен пазар во изминатиот период, а особено во последните две години, кога во просек нивото на девизни резерви на годишна основа растеше за 450 милиони евра. Резимирано, имаме адекватно ниво на девизни резерви за справување со какви било потенцијални шокови и не постои никаков ризик во однос на стабилноста на девизниот курс“,
додаде гувернерката.
Понатаму, таа се осврна и на стабилноста на банкарскиот систем за кој рече дека останува здраво јадро на нашата економија.
„Високата капиталзираност на банкарскиот систем којашто се одржува речиси во континуитет во целиот посткризен период. На пример, адекватноста на капиталот во моментот изнесува околу 17 проценти, што е повеќе од двојно од минималното законско барање за адекватност на капиталот. Ликвидноста на банките е исто така на високо ниво. Последните податоци упатуваат дека учеството на ликвидната актива од вкупната актива е некаде околу 30 проценти, што е навистина солидно ниво. Сите овие индикатори упатуваат дека макроекономската состојба е стабилна“,
рече Ангеловска-Бежоска.