„Макпетрол“ денеска соопшти дека ќе прекине да испорачува гас бидејќи новите услови на работа кои ги предвидува потпишаниот Договор за интерконекција помеѓу државната ГА-МА и „Булгартрансгас“, прават условите по кои компанијата увезувала и испорачувала гас, сега да се неодржливи
Откако „Макпетрол“ денеска објави дека од 1 јануари 2023 година повеќе нема да увезува и испорачува природен гас до потрошувачите, министерот за економија, Крешник Бектеши, вели дека претставници на оваа компанија вчера имале состаноци со надлежните институции за условите кои се превидени за договорот меѓу државната ГА-МА и „Булгартрансгас“, биле разјаснети забелешките, а денеска без никакви најави објавиле прекин на испораката на гас.
„Со сите надлежни институции веќе разговараме за различни опции и најверојатно ќе се најде решение, но според мене ова е целосно неодговорно однесување од страна на компанијата ’Макпетрол‘ и за жал мислам дека може има и надворешни сили што влијаат на вакви одлуки, но ние сме демократска држава имаме закони и ќе постапиме согласно законите и никој нема да оставиме да биде над државата“,
рече Бектеши во гостувањето на ТВ Сител.
Тој верува дека ќе се обезбеди гас, бидејќи веќе има понуди, а ќе се објави и друг јавен повик.
„Во врска со парното греење во ЕСМ веќе има пристигнато понуди од други снабдувачи со природен гас, согласно информациите кои ги имам од ГА-МА и од НЕР веќе капацитетите од бугарската страна се закупени од одредени снабдувачи, а ќе биде објавен и уште еден јавен повик за снабдување со гас“,
кажа министерот.
Министерот информираше дека во консултација со премиерот Ковачевски дадено е задолжение да се донесе закон со кој ќе се регулира начинот на однесување на стратешки компании во државата посебно во време на криза, по примерот на Германија и Италија, и дека за ова законски решение очекува поддршка од пратениците.
Во соопштението кое денеска го објави „Макпетрол“, пак, се наведува дека причината за тоа што ќе прекине да испорачува гас се новите услови на работа кои ги предвидува прерано потпишаниот Договор за интерконекција помеѓу државната ГА-МА и „Булгартрансгас“. Договорот, рекоа од компанијата, прави досегашните услови според кои „Макпетрол“ увезува и испорачува природен гас до своите потрошувачи, да не се применливи.
„Ова од причина што до овој момент не се донесени подзаконските акти согласно Законот за енергетика, кои ќе го регулираат работењето на пазарот на природен гас во согласност со договорот за интерконекција, ’Макпетрол‘ АД Скопје нема можност да отпочне со новите услови на работа предвидени со новиот Договор за интерконекција. Дополнителен проблем претставува и фактот што и по 5 (пет) години од донесувањето на Законот за енергетика сè уште нема сертифициран Оператор на системот за пренос на природен гас, кој е должен да ги донесе потребните подзаконски акти“,
пишуваше во соопштението.
Од „Макпетрол“ додадоа и дека во согласност со Договорот за интерконекција, побарале од ГА-МА да обезбеди согласност од бугарската „Булгартрансгас“ да продолжи со работа според старите услови, заклучно со 30 септември 2023 година, а во тој период да се донесат сите подзаконски акти и сите учесници на пазарот на природен гас би можеле да се подготват за новиот начин на работа, кој е многу посложен од досегашниот.