Регулаторната комисија за енергетика е подготвена со сите податоци за утврдување на цената за наредните шест месеци од идната година. Значи, до крајот на декември ќе го завршат овој процес и очекуваме да нема драстично зголемување. Поместувања секогаш се очекува да има, но тие се прават и во надолна и во нагорна линија, вели министерот

Од 1 јануари нема да има драстично поскапување на цената на струјата и парното, рече министерот за економија Крешник Бектеши на денешниот брифинг со новинарите. Тој им порача на граѓаните да бидат спокојни зашто до крајот на грејната сезона ќе нема никаков проблем во снабдувањето со парното и струјата затоа што се прават сите соодветни анализи и проекции.
„Регулаторната комисија за енергетика е подготвена со сите податоци за утврдување на цената за наредните шест месеци од идната година. Значи, до крајот на декември ќе го завршат овој процес и очекуваме да нема драстично зголемување. Поместувања секогаш се очекува да има, но тие се прават и во надолна и во нагорна линија. Треба да ги имате предвид двете опции, а дали ќе биде надолу или нагоре ќе одлучи РКЕ, а поместувањето може да биде и надолу“,
истакна Бектеши и уште еднаш порача дека граѓаните треба да бидат спокојни.
Во врска со количините на дизел гориво кое го има во резервите, министерот рече дека тоа се класифицирани информации кои се разгледуваат на затворена владина седница и не може да бидат јавно соопштени.
„Тоа се класифицирани информации и се разгледуваат само на затворени владини седници, а пристап до нив има само некој што поседува сертификат. Тоа не сум го одлучил јас, такви се законите. Не можам да споделам информации што се разгледуваат на затворена владина седница. ЕСМ не се крсти во тие резерви. Согласно Законот за енергетика секоја секоја топлана, па и ТЕ-ТО треба да има алтернативно гориво. Моментално топланите работат на природен гас и потребите главно се покриваат од ТЕ-ТО, околу 70 отсто за градот Скопје, а другите 30 и во некои денови до 40 отсто се покриваат од топланите Исток и Запад. Скопјани ќе бидат снабдувани со топлинска енергија непречно, во континуитет, до крајот на грејната сезона“,
подвлече Бектеши.
На прашањето зошто од страна на ЕСМ се прават набавки на електрична енергија, Бектеши рече дека тоа е за се заштеди во буџетот.
„Ако работи ТЕЦ „Неготино“ производството на електрична енергија по мегават-час ќе биде поскапа од таа што е увезена. За да не направиме штета на буџетот решивме дека е подобро да увеземе одредени количини по цена од околу 200 евра, а цената производствена, со оваа цена на мазут што е сега, е поголема од 240 евра по мегават-час“,
додаде Бектеши.