За спречување на евентуалните злоупотреби на производителите на храна што ќе ги прават маркетите во вакуум-просторот до стапување во сила на законот, Бектеши рече дека Министерството за економија нема да преземе ништо, но ги повика домашните производители, како што рече, да не паѓаат на финтите на одредени доминантни синџири супермаркети кои од производителите бараат поголем рабат од 15 до 20 отсто
Над 2 500 земјоделски и прехранбени производи се на списокот што произлегува од Законот за забрана на нефер трговски практики, а кој се очекува да ги намали цените на храната. Ова денеска го изјави министерот за економија Крешник Бектеши, додавајќи дека листата на производите е доставена до стопанските комори.
„Мислам дека на коморите им се доволни една недела до десет дена да ја споделат листата со нивните членови, да дадат соодветни сугестии и на наредната седница на Владата да ја усвоиме таа листа за сите чинители во трговијата да почнат да ги приспособуваат договорните односи што ги имаат меѓусебе и преку тоа да придонесат за намалување на цените на производите на домашниот пазар“,
изјави министерот Бектеши.
Изрази очекување по добиените сугестии крајната листа на производи да не биде помала од 2 300 производи.

Бектеши посочи дека во законското решени е за заштита од нефер трговски практики не е предвиден рок кога треба да стапи во сила листата на производи, а тоа, како што рече, го носи Министерството за економија.
За спречување на евентуалните злоупотреби на производителите на храна што ќе ги прават маркетите во вакуум просторот до стапување во сила на законот, Бектеши рече дека Министерството за економија нема да преземе ништо, но ги повика домашните производители, како што рече, да не паѓаат на финтите на одредени доминантни синџири на супермаркети кои од производителите бараат поголем рабат од 15 до 20 отсто.
„Јас не можам да одам поединечно кај секој домашен производител да му кажувам не го прифаќај овој договор или не ги прифаќај овие услови зашто тоа е мешање во нивната политика и во односите што тие ги имаат со нивните кооперанти. И претходно како Министерство за економија сме пратиле пораки да не паѓаат на вакви притисоци и затоа го носиме законското решение. Го носевме и Законот за заштита на конкуренцијата. Сега не би било во ред министер или институција на државата, која треба да го гледа интересот на производителите и на трговците и на целиот деловен круг во нашата држава, да држи страна, а воедно тие меѓусебните односи не можат да ги решат. Ако би било така, тогаш треба државата да ги национализира сите производствени капацитети и тогаш во име на тие домашни капацитети да разговараат министрите, директорите. Тие се приватни субјекти кои своите политики, ги креираат самите. Јас можам само да дадам порака за да не паѓаат на такви можни злоупотреби имајќи го во предвид вакуумот што трае шест месеци“,
рече министерот за економија.
Меѓу другото, министерот додаде дека доколку во периодот на адаптација на законското решение од шест месеци има зголемување на цените, Министерство за економија ќе ѝ предложат на Владата одредени мерки со цел ублажување на цените на прехранбените производи.