Нема да дозволиме злоупотреба на Законот за енергетика и на правилата во делот на енергетскиот систем како што прават одредени општини со јавното осветлување со префрлање од слободен на регулиран пазар, вели министерот за економија
Над 800 мали компании кои се занимаваат со производство на основните прехранбени производи, во кои спаѓаат и пекари, ќе бидат директно поддржани со цена на електричната енергија под 80 евра за мегават-час, потврди денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
Тој нагласи дека просечната потрошувачка на овие капацитети во изминатите години од 1 декември до 30 април, до кога завршува кризната состојба во енергетиката, нема да биде над 33 гигават-часа електрична енергија. Тоа значи, рече Бектеши, дека ако Владата треба да ги субвенционира или поддржи со околу 100 евра значи дека сите трошоци нема да надминат над 3,5 милиони евра.
„Како Влада и Министерство за економија сите одлуки ги носиме повикувајќи се на конкретни анализи и податоци од сите релевантни институции кои се вградуваат во делот на Економскиот совет“,
рече Бектеши.
Што се однесува до просечната потрошувачка на основните и средните училишта, како што прецизира Бектеши, од 1 декември до крајот на април тој изнесува околу 10,7 гигават-часови или 10 700 мегават часови електрична енергија поради што фискалните импликации не би требало да бидат повисоки од 2 милиони евра.
„Кај јавните водоводни претпријатија потрошувачката од 1 декември до крајот на април е околу 30 гигават-часа електрична енергија што значи дека се потребни од 3 до 3,5 милиони евра за нивно покривање“,
рече Бектеши и нагласи дека повеќе општини веќе почнале да доставуваат барања за зголемување на цената на водата за пиење што ја нудат за потребите на граѓаните.
Тој потенцираше дека тоа нема да го дозволат и како Влада целосно ќе ја покријат разликата во делот на зголемените трошоци за електрична енергија кои ги имаат јавните комунални претпријатија во делот на водоснабдувањето.
„Сепак, нема да дозволиме злоупотреба на Законот за енергетика и на правилата во делот на енергетскиот систем како што прават одредени општини со јавното осветлување со префрлање од слободен на регулиран пазар. Со новата одлука тие не треба да бидат прифатени од ЕВН дистрибуција како такви. Со тоа ќе се ослободи просторот што моментално го покрива ЕСМ, а истото важи и за одредени банки, казина, приватни средни и основни училишта и некои други компании“,
посочи Бектеши.
Министерот нагласи дека веќе е донесена одлука од 1 декември тие да бидат вратени на слободен пазар, а оние што навистина имаат потреба ќе бидат поддржани од Владата преку ЕСМ за што веќе се обезбедени средства, а има и грант од Европската комисија во вредност од 80 милиони евра кои кон крајот на јануари се очекува да легнат во Буџетот.