Тој истакна дека според информациите што ги има „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) доставиле писмо до „Макпетрол“, но и до други компании кои покажале интерес да го снабдуваат ЕСМ и топланите со овој енергенс
Прашан за помошта што Владата ќе ја побара од Европската комисија (ЕК) за справување со енергетската криза, министерот за економија рече оти не сака да зборува за конкретни суми поради тоа што уште течат преговорите, но нагласи дека очекува земјава навремено да ја добие помошта од Европската комисија. Тој сепак откри што се бара во писмото до EK, односно барањата се од 1 јануари да се прошири списокот на ранливите категории на граѓани кои добиваат помош за електрична енергија и за енергенси
Дополнително, во врска со антикризните мерки на Владата, Бектеши информираше дека од 1 декември производителите на прехранбени продукти ќе добијат фиксна цена за струјата, уште пониска од таа што ја добиваат малите потрошувачи
Министерот за економија Крешник Бектеши, одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција, соопшти дека на денешната владина седница ќе се носат одлуки со кои ќе се либерализира домашниот пазар и во делот природен гас.
Тој истакна дека, според информациите што ги има, „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) доставиле писмо до „Макпетрол“, но и до други компании кои покажале интерес да го снабдуваат ЕСМ и топланите со овој енергенс.
„Колку што сум информиран, ЕСМ достави писмо до ‘Макпетрол’ и до другите компании кои покажале интерес да ги снабдат ЕСМ и топланите со природен гас. До четврток, најдоцна до петок, да достават понуди за ноември, а доколку имаат количини зошто не и до крајот на грејната сезона“,
рече Бектеши.
На дополнително новинарско прашање, кои се другите две компании кои доставиле понуди, Бектеши не одговори конкретно.
„Моментално ние го знаеме само ‘Макпетрол’ поради тоа што само ‘Макпетрол’ снабдува со природен гас во нашата држава, секако дека има и други компании. Денеска на седница на Владата ќе се носат соодветни одлуки и ќе се ослободат одредени капацитети што ќе можат да се користат од сите трговци. Значи, ќе се либерализира пазарот и во делот на природниот гас“,
посочи Бектеши.
Прашан за помошта што Владата ќе ја побара од Европската комисија (ЕК) за справување со енергетската криза, министерот за економија рече оти не сака да зборува за конкретни суми поради тоа што уште течат преговорите, но нагласи дека очекува земјава навремено да ја добие помошта од Европската комисија.
„Денеска го потпишав писмото до ЕК согласно разговорите што ги направивме со комесарот Вархеји со нашите конкретни барања како држава и во наредниот период ќе имаме одговор. Не би сакал да зборувам за сумите и конкретните барања заради тоа што уште течат преговорите, а во нив покрај нас се вклучени и сите држави од регионот. Очекувам нашата држава да има дополнителна помош која ќе дојде навремено и со соодветна сума за потребите и на стопанството и на мерките кои се реализираат во државата“,
кажа Бектеши.
Тој сепак откри што се бара во писмото до Европската комисија, односно барањата се од 1 јануари да се прошири списокот на ранливите категории на граѓани кои добиваат помош за електрична енергија и за енергенси.
„Моментално тука се пензионери со ниски приходи и одредени домаќинства со ниски приходи кои добиваат помош од Министерството за економија согласно повикот што го објавивме на почетокот на годината. Значи бараме проширување во тој дел, бараме кофинансирање на одредени субвенции кои веќе ќе почнат да се реализираат за да се градат фотонапонски централи на крововите на домаќинствата и на малите претпријатија. Третата мерка е директна субвенција и на компаниите кои се на отворен пазар на електрична енергија и на тие кои се на регулиран пазар со цел да се задржи нивната конкурентност на регионално, но и на европско ниво“,
истакна министерот за економија.
Дополнително во врска со антикризните мерки на Владата, Бектеши информираше дека од 1 декември производителите на прехранбени продукти ќе добијат фиксна цена за струјата, уште пониска од тaa што ja добиваат малите потрошувачи.
„Сите производители на основни прехранбени производи во нашата држава од 1 декември ќе имаат фиксна цена за електрична енергија се со цел да се намали инпутот на електрична енергија во делот на производството на финалните производи. Станува збор за околу 150 компании, главно производители на млеко и млечни производи, леб и други основни прехранбени продукти“,
рече Бектеши.
Министерот за економија не кажа колкава ќе биде фиксната цена и додаде дека тоа ќе биде соопштено кога Владата ќе донесе одлука за тоа.
За антикризните мери за стопанството рече дека навремено се направени соодветните анализи од сите институции.
„Денеска имав состанок со Стопанската комора. Тие ги знаат сите мерки што се дизајнирани. Најважно од се е дека стопанството ќе има предвидливост. Мерките ќе ги дознаете во моментот кога ќе се усвојат затоа што не значи дека ќе се усвојат така како што се дизајнирани од Министерството за економија. Мерките се носат во разговори со сите комори и со сите засегнати страни“,
подвлече Бектеши.