Ако мислат на ваков начин да направат уцени, тоа нема да им помине. Ние ќе продолжиме да ги дивезифицираме изворите на снабдување. Тоа веќе е почнато и за тоа веќе нема компромис. Во делот на ослободување на капацитетите, тоа е обврска на Европската Унија бидејќи зборуваме за начела на целосна либерализација на пазарите, вели Бектеши

Министерот за економија Крешник Бектеши најави дека земјава ќе бара отштета од Бугарија и дополнителна поддршка од Европската Унија доколку се воведе такса за природниот гас што се испорачува преку нејзина територија и не бидат ослободени количините гас кои се закупени од страна на „Газпром“ за С Македонија.
„Веќе имаме испратено реакција кон Енергетската заедница и кон Европската комисија и очекувам да се ослободат количините што ги закупил токму ’Газпром’ од бугарската страна. Ако тие воведуваат такса за природен гас кој доаѓа од ’Газпром’, што е легитимно од нивна страна и тоа може да го направат, тогаш да ги ослободат количините кои се закупени од страна на ’Газпром’ кон С Македонија. Тоа е нашето барање. Ние не сакаме да се мешаме во делот на фискалната политика која ја прави Бугарија, но секако дека во делот на либерализација на пазарите тука имаме целосно право да се жалиме и да бараме од ЕУ тие да се применат од нивните членки“,
рече Бектеши денеска одговарајќи на новинарско прашање.
Тој додава дека количините кои се ослободени претходната година не се доволни за побарувачката и потребите на С Македонија и тоа секако би влијаело во делот на цената на природниот гас што го користи особено стопанството.
Според Бектеши, секоја држава има право да воведува внатрешни такси, но да уцениш друга држава на ваков начин, како што рече, е неприфатливо и е спротивно на начелата на работа на Европската Унија.
„Јас колку што знам Бугарија е членка на Европската Унија и тие механизми треба веднаш да ги укине, не само кон нашата држава туку генерално затоа што во Европската Унија се неприфатливи“,
рече Бектеши.
На прашањето дали има некоја резервна варијанта доколку бугарската страна не попушти, Бектеши рече дека претходната година веќе се ослободени одредени количини во делот на гасоводот што го има со Бугарија и тоа е работа која е направена во последните децении во нашата држава која е оставена само со еден гасовод преку Република Бугарија.
„Бугарија бара да имаме втор гасовод“,
рече Бектеши најавувајќи дека до крајот на годината ќе се почне со изградба на новиот гасовод со Грција кој е приоритет и е целосно поддржан од ЕБОР и од стратегиските партнери.
Бектеши додаде дека уцени во делот на начинот како ќе се инвестира и како ќе се диверзифицираат енергетските капацитети на Република Македонија не се прифатливи.
„Не од Бугарија, од никого. Ако мислат на ваков начин да направат уцени, тоа нема да им помине. Ние ќе продолжиме да ги дивезифицираме изворите на снабдување. Тоа веќе е почнато и за тоа веќе нема компромис. Во делот на ослободување на капацитетите, тоа е обврска на Европската Унија бидејќи зборуваме за начела на целосна либерализација на пазарите“,
рече министерот Бектеши.
Во делот на гасоводот со Република Србија, Бектеши вели дека не се закупени капацитетите од страна на „Газпром“, и оти тоа Република Бугарија го знае.
„Република Србија и другите држави можат да користат други извори, освен рускиот гас, за да бидат снабдувани. Во однос на нашата држава, тие сами ги давале во закуп на ‘Газпром’ до 2030 година, сите количини освен последните што беа ослободени. Затоа бараме веднаш да се ослободат капацитетите и ние да бидеме снабдувани и од други извори, вклучувајќи го тука и Азербејџан, а зошто да не и преку терминалите од Грција“,
вели Бектеши.
Бугарија кон средината на овој месец воведе данок за рускиот природен гас што транзитира низ бугарскиот гасовод.
Висината на давачката е од 10,76 долари по мегават-час гас од руско потекло што е околу 20 отсто од цената на европскиот репер за гас со кој се тргува во регионалниот центар Амстердам.