Интересот на ДУИ не е да се случат насилни протести, вели членот на раководството на опозициската Демократска унија за интеграција во интервју за „360 степени“, на прашањето – зошто се решија на средби со граѓани, наместо да излезат на улица. Партијата со месеци се жали дека тие, а не коалицијата „Вреди“, се легитимни претставници на Албанците по последните избори
Бектеши не се согласува со тезата дека начинот на кој ДУИ ја практикуваше власта го „истроши“ нивниот партнер СДСМ. На прашањето дали има страв во неговата партија од потенцијален кривичен прогон вели – не верувам
Уште вечерта, кога заврши гласањето на парламентарните изборите на 8 мај, Демократската унија за интеграција како предводник на т.н. „Европски фронт“ прогласи победа меѓу гласачите Албанци во земјава. Од тој момент трае и повторувањето на тезата дека тие се единствените кои имаат легитимитет да ги претставуваат Албанците во извршната власт, а не коалицијата „Вреди“. Пораките досега беа искажувани само вербално.
Наместо протести – средби со граѓани
Новата власт, пак, уште летово испрати предупредување дека од септември ДУИ ќе почне да ја вжештува домашната политичка сцена и меѓуетничките односи бидејќи не се дел од власта. На крајот на октомври засега нема ништо од тие најави. Единствено, од неодамна, ДУИ почна со средби со граѓани.
„Прво и основно, протестите не се исклучени. Зошто? Затоа што ДУИ одлучи да излезе на терен и да го слушне гласот на граѓаните. Граѓаните нам ни ја дадоа довербата и сега секако дека граѓаните бараат од нас да ги претставуваме имајќи предвид дека е дадена таа доверба“,
вели Крешник Бектеши за „360 степени“, на прашањето зошто не протестираат туку се одлучија за средби со граѓани.
Според Бектеши, моделот на средби со граѓани е интерактивен, односно граѓаните можат да поставуваат прашања и да даваат предлози. На прашањето дали на тие средби добиле и критички прашања, тој вели:
„Јас бев на втората средба. На првата бев на почеток. Мислам дека се многу конструктивни прашањата, а воедно има и конкретни предлози за начинот како треба да се делува. А сите во насока на интересот на државата, на РСМ. Генерално, што е мојот впечаток од првите два состаноци, дека граѓаните повеќе бараат што побрзо да се одблокираат уставните измени и да се почне да се отвораат кластерите со Европската Унија“.
Следното прашање кое го доби поранешниот министер за економија беше – дали одбегнувањето на протестите значи дека во општеството нема таков набој, како што ДУИ вели дека има. За илустрација, интегративците тврдат дека Албанците се деградирани и дискредитирани во новата влада, дека ја изгубиле политичката партиципација, па дури и дека земјата се враќа во состојба како пред конфликтот во 2001 година.
Насилството не ни е во интерес
Крешник Бектеши возврати дека имаат капацитет веднаш да направат протести, но дека се доволно одговорни да бидат внимателни.
„10 000 луѓе може ДУИ утре да свика кај сака, во кој град сака. Не е намерата да се направи само протести и наративот да биде само негативен. Па, тие протести после треба да бидат контролирани и тие што ги организираат имаат одговорност. Ние внимателно треба да направиме проценка за да не излезе од контрола и така треба да се однесуваат сите државотворни институции во нашата држава, вклучувајќи ги и политичките партии. Ако одиме на протести, ние мора 100% да се осигураме дека тие нема да бидат насилни бидејќи интересот на ДУИ не е да има насилни протести. Да, изразување на мислење преку протести, тоа е демократски чин и тоа не треба само политичките партии да го прават. Можат организации да го направат, граѓани самостојно да го направат и тоа е добро за едно општество, се со цел да се подобри владеењето“,
изјави Бектеши.
Но, дали освен што бара да се смени однесувањето на власта, ДУИ ќе проба да смени нешто и кај самата себе. Бектеши не потврди, но и не одрече такво нешто.
„Сите што даваат добронамерни предлози се добредојдени. Ќе бидат разгледани од страна на претседателството на ДУИ. Секако, ДУИ има свои грешки и одредени луѓе од ДУИ имаат свои грешки, вклучувајќи ме и мене лично. Не сум бил перфектен во водење на Министерството за економија во последните седум години… Не биле намерни грешките и ако ненамерно се прават грешки, јас можам јавно, ако на некого сум му погрешил во тоа време, и да му извинам. Но, намерата е многу важна и подобрувањето, од тоа што се слуша од гласот на граѓаните и бизнис-секторот“,
вели Бектеши.
Албанците не преземале ништо
Според Крешник Бектеши, од тој процес ДУИ ќе излезе уште посилна. А еве што вели тој на прашањето, дали начинот на кој ДУИ ја практикуваше власта го истроши нивниот партнер СДСМ, а ним им донесе само краткорочни поени.
„За ДУИ не е проблем дека е опозиција. Ние, кога г. Мицкоски излезе на прес-конференција и кажа ‘да, ќе ги направиме уставните измени, само ДУИ да не биде во влада‘ додека траеше прес-конференцијата излезе господиниот Бујар Османи како потпретседател на ДУИ и кажа – ние даваме оставки од Владата, повели направи ги уставните измени. Не е тоа проблем“,
кажа Бектеши.
Потоа, одговарајќи на истото прашање, Бектеши почна да објаснува дека е вештачки создадена перцепцијата за ‘силна‘ ДУИ, која ја контролирало владата или дека Албанците ја презеле државата.
„Албанците не презеле ништо. ДУИ не презеле ништо. Албанците и ДУИ се легална политичка партија која дошла на власта на избори и Албанците живеат во оваа државата и оваа држава е и на Албанците, како што е и на Македонците. И не зеле ништо ни од Македонците, ниту од другите етнички заедници, како што ни Македонците не земаат ништо од Албанците. Но, сме рамноправни и во водењето политики, а и во одговорноста“,
кажа Бектеши.
На прашањето – дали во ДУИ има страв од кривичен прогон, бидејќи не се дел од власта, Бектеши вели:
„Не верувам. Не се приметува дека има некаков страв“.