Две години по бегството на Никола Груевски, истрагата е сè уште отворена, но нема напредок. Последното дејство во обидот да се утврди евентуалната вмешаност или одговорност за бегството датира од минатата 2019 година. Држaвата по третпат ќе бара екстрадиција на поранешниот премиер, иако беше одбиена во претходните два обида, пишува БИРН.
Министерот за правда, Бојан Маричиќ, бргу откако стапи на оваа должност, во септември најави нов обид за враќање на Груевски.
„Наше право и обврска е да ги изнесеме сите нови околности во барањата за екстрадиција и да ги опфатиме сите дела што во моментов се познати за некој сторител. Во моментов се прибираат сите списи од институциите, а по комплетирањето на документацијата, барањето ќе биде испратено на одговор“,
велат од Министерството за правда за БИРН.
Додаваат дека барање за екстрадиција може да се испраќа неограничен број пати.

„За ниту едно барање нема да се откажеме – сè додека се активни меѓународните потерници ќе правиме напор да ги донесеме сите лица“,
велат од Министерство за правда.
Унгарија двапати, во јуни и во октомври минатата година, ги одби барањата за екстрадиција. Образложенијата на унгарскиот суд беа едноставни – Никола Груевски има статус на политички азилант и како таков државата не може да го депортира.
Бегството на векот веднаш предизвика гнев и жед за одговорност во јавноста и Обвинителството бргу го пресретна незадоволството. Отвори истрага само неколку дена откако експремиерот се јави од Будимпешта.
„Постојат основи на сомневање дека одредени службени лица, злоупотребувајќи ја својата службена положба и овластување, му овозможиле на осудениот нелегално да ја напушти Република Македонија“,
откри Обвинителството на 18 ноември 2018.
Уште следниот ден се побарани снимките од граничните премини од Црна Гора и од Албанија и од околината на унгарската амбасада во Тирана, а обезбедени биле и снимките од сите сигурносни камери во државава, кои „тежеле“ 10 терабајти.
Интересно е дека Албанија не помогнала да се одгатне мистеријата околу бегството.
Црногорците веднаш одговориле на барањето, и во декември 2018 година нашите обвинители лично ги презеле снимките од Подгорица, меѓутоа со Албанија не одело така мазно.
„Екипи од Обвинителството со хард-дискови се упатија во Албанија за да го преземат материјалот, но беа усно известени дека тој не е сочуван“,
објасни ОЈО.
Поранешниот премиер избега да не ја одлежи двегодишната затворска казна поради купувањето на владиниот „мерцедес“, познат како случајот „Тенк“. Последен пат бил виден во Скопје вечерта на 8 ноември 2018, а пет дена подоцна се јави со фејсбук-објава од Будимпешта за да каже дека побарал политички азил.
