Во речиси празна сала попладнево продолжи општата расправа по дополнетиот ребаланс на Буџетот. Пратениците од власта и опозицијата уште еднаш ги спротивставија ставовите. За СДСМ прекројувањето на државната каса е обезбедување дополнителна поддршка и нови инвестиции, додека за ВМРО-ДПМНЕ предизборен поткуп, продлабоување на сиромаштијата и нови непродуктвни трошења.
Но наместо ребалансот да биде централна тема стана причина за нови препукувања кои се сведоа на барокните фасади, проектот „Скопје 2014“, еврообврзницата, Рашковски, криминалот и корупцијата, на тоа што направи оваа Влада, а што таа пред неа, кој води добри, а кој лоши политики, кој сечел ленти по три пати, кој давал лажни ветувања и колку е партизирана администрацијата.
„СДСМ продолжува со веселата математика за да докаже дека економската ситуација не е катастрофална, а 600.000 граѓани живеат во сиромаштија, се најавуваат нови бранови на отпуштања во текстилниот сектор, 6.200 компании ставиле клуч на врата, поскапувањето на горивото и струјата предизвикува рапиден пад на стандардот и јавниот долг прпват е двојно поголем од вкупните приходи“,
рече во почетокот на расправата Зоранчо Јованчов од ВМРО-ДПМНЕ.
На тоа реплицираше Панчо Минов појаснувајќи дека капиталните расходи се зголемени и редизјанирани на сметка на бизнисот за да им се помогне на компаниите и да им се овозможи да инвестираат.
„Компаниите едвај го чекаат донесувањето на ребалансот за да ги оставарат своите права“,
рече Минов.
Лидија Петкоска од ВМРО-ДПМНЕ го повтори партискиот став дека ребалансот е неразвоен и неконзистентен.
„Јас би го нарекла ребалансот предизборен зашто целта му е делење милост и вработување партиски послушници. Со него сиромаштијата ќе се продлабочи, а неизвесноста ќе се зголеми. Ребалансот покажува и дека власта целосно го загубила финансискиот компас, не е планирана ниту една квалитетна инвестиција, нема јасно акцентирање кои се приоритетите“,
нагласи Петкоска.
Диме Велковски од СДСМ реплицираше изнесувајќи конкретни бројки за поддршката што ја обезбеди Владата во сите сфери и со Буџетот, но и со ребалансот. Потоа почнаа препирките, главно меѓу пратеничките од владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ.