Универзитетот „Мајка Тереза“ денеска испрати реакција на вчера објавениот ревизорски извештај за институцијата, во кој се нотирани поголем број на неправилности и недоследности поради што Државниот завод за ревизија искажа неповолно мислење. Меѓу другото, државните ревизори забележаа дека дел од факултетите го немаат потребниот кадар согласно акредитацијата, дека недостасуваат докази за исполнетоста на условите за вработување на дел од кадрите а имаа и поголем број на забелешки и препораки за материјално-финансиското работење и јавните набакви на Универзитетот.
Што велат денеска од Универзитетот „Мајка Тереза“
„360 степени“ и вчера го објави ставот на Универзетот за ревизорскиот извештај, кој е составен дел од документот. Во него е виливо дека ревизијата прифатила дел од забелешките, но дел ги отфрлила. Сепак, Универзитетот го прифатил ревизорскиот извештај, со одредени исклучоци.
Денеска, од „Мајка Тереза“ велат дека подготвуваат дополнителни аргументи за некои сегменти од извештајот за кои ценат дека се неосновани. Најавуваат дека ќе ги истакнат објективните околности кои се директна причина за голем дел од посочените слабости и ненавремената реализација на препораките.
Меѓу другото, од Универзитетот се жалат дека од почнувањето со работа, административните работи ги извршувале 6 до 8 „изнајмени“ административци од други институции, што било голема пречка. Во однос на пропустите поврзани со академскиот кадар, велат:

„Пропустите спомнати во однос на наставниот кадар се проследени од работата на Матичните комисии, кои беа носители на основачките активности меѓу кои и приемот на наставниот кадар. Ненавремена реализација на некои законски обврски поврзани со Статутот на УМТ, се случи поради објективните политички околности во државата (избори и процедури во Парламентот)“
велат денеска од УМТ.
За една од „најтешките“ забелешки на ревизорите, дека дел од факултетите немаат доволно кадар согласно акредитацијата, од „Мајка Тереза“ велат дека се последица на измените на Законот за високо образование.
„Нејасните одредби на стариот ЗВО (Закон за високо образование н.з.) и уште не основаните тела согласно новиот ЗВО, се во голем дел причина за нејасни процедури за финасирање на високото образование и посебно за платите. Овде мораме да нагласиме дека по однос на законитоста на постоење на Факултетите, УМТ по одредбите на стариот ЗВО ги исполнуваше сите услови за нивно постоење, додека со новиот ЗВО каде се потребни по 10 педагози за секој факултет, истакнуваме дека три факултети целосно ги исполнуваат овие услови, а два се во процедура со која исто така ќе ги исполнуваат, согласно последниот конкурс.
објаснуваат од Универзитетот.
За крај, во својот допис до јавноста, Универзитот декларира волја да го усогласи своето работење согласно сите законски прописи, но бара и од надлежните институции да ги исполнат ветувањата кон нив.
„Цениме дека процесот на исполнување на условите за нова високообразовна интитуција (која што почна со работа во услови на промена на правилата), со квалитени кадри и стандардни критериуми, ќе може да одземе повеќе време. За да се постигне ова, потребно е и соодветно разбирање од надлежните институци МОН, Владата и Собраието како наш основач, поготово за посоодветна финансиска подршка и побрза реализација на инфраструктурните услови за нашата дејност, т.е. изградба на кампусот, кој ни е ветен, и кој е потребен за нормално функционирање на институцијата“