Здружението има и свој профил на социјалната мрежа Фејбук, кој е активен од 3 декември минатата година. Од профилот се гледа дека здружението има соработка со бугарскиот бизнисмен Милан Врабевски и неговата фондација „Бугарска памет“, кои стојат зад воспоставувањето на повеќе бугарски здруженија во С Македонија, Албанија и Косово
Здружение на култура, образование и традиција „Балкански мост“ од Битола е новото здружение формирано во земјава во мај минатата година, кое како основни цели на дејствување ќе ги има почитувањето на правата на етничките заедници и спротивставување на какви било изрази на нетолеранција, шовинизам, стигматизација.

Иако во описот на основачкиот акт од Централниот регистар не е наведено дека ова здружение е на граѓани со бугарска самосвест, од профилот на Здружението на социјалната мрежа Фејбук се гледа дека има соработка со бугарскиот бизнисмен Милен Врабевски и неговата фондација „Бугарска памет“, а споделува и информации поврзани со активности на амбасадата на Бугарија во Скопје.
Бугарскиот бизнисмен Врабевски со неговата Фондација се поврзуваше со дел од здруженијата на Бугарите кои беа формирани во РС Македонија и неформално како нивни финансиер. Минатата година неговото име се поврзуваше и со слични здруженија и активности во Република Албанија меѓу македонското население пред одржувањето на пописот.
Македонците од Албанија обвинуваа дека на тој начин се врши притисок врз нив да се изјаснуваат како Бугари на пописот.
Според податоците од Централниот регистар, Здружението е регистрирано со седиште во Битола на улицата „Трајче Стефановски“ бр. 46, а е заведено во Централниот регистар на 17.5.2023 година.

Во податоците од Централниот регистар ги пишува и имињата на основачите – Сашо Трајковски, Зоран Цикарски, Владимир Лајмановски, Љупчо Јошевски и Оливер Пеоски.
Љупчо Јошевски е посочен како овластено лице на Здружението.
Тој е непознат за пошироката јавност и директно не се поврзува со поранешното здружение на граѓани од Битола, „Ванчо Михајлов“.

Податоците од Централен регистар велат дека цели и задачи на здружението се заложба за подобри услови на високо образование за младите, заложба за правна држава, доследно спроведување на законите и правните процедури и самостојност во одлучувањето на судовите.
„Помагање и почитување на правата на етничките заедници и спротивставување на какви било изрази на нетолеранција, шовинизам, сегрегација и стигматизација врз основ на полова, расна, етничка, јазична и верска основа. Промоција на европски вредности и култура, иницијативи за градење на пријателство и добрососедство co сите соседни држави како основа за нова балканска соработка, сo јакнење на јавната свест во Република Северна Македонија, можност заеднички преку решавање на економските проблеми, да се влијае и во насока на меѓуетничките состојби, давање стручна и експертска помош при изготвување на проекти и документација во делот на политиката, животната средина и природата, и сите сфери од социјалниот живот, обезбедување на стручна интерпретација на податоците за состојбите на севкупната ситуација во земјава (преку проекти, семинари, работилници и слично), изработка на проекти од најразлични сфери, промоција на различните културни вредности на народите и етничките заедници, промоција на традицијата на народите и етничките заедници“,
пишува во податоците од Централниот регистар.
Здружението има и свој профил на социјалната мрежа Фејбук, кој е активен од 3 декември минатата година. Од профилот се гледа дека здружението има соработка со бугарскиот стопанственик Милан Врабевски и неговата фондација „Бугарска памет“.
Името на Врабевски се спомнува во активностите кои Здружението ги имало изминатиот период, односно дека со финансиска помош на неговата Фондација се остваруваат одредени донации на спортски клубови, болници и други установи во земјава.
Од 27 декември „Балкански мост“ на Фејсбук објавува слики од активности поврзани со хуманитарни акции.
Така, пред Нова година членови на здружението делеле донација на ракометни топки на ракометен клуб од Струга, како и пакетчиња во институции во Битола и во Струга.
Новото Здружение објавило и дека во организација на Министерството за образование и наука, заедно со Амбасадата на Република Бугарија и Генералниот конзулат во Битола, организирале информативна презентација на сите оние заинтересирани кои сакаат своето високо образование да го продолжат во градовите Пловдив, Благоевград, Варна, Софија и Стара Загора во Бугарија.
Минатата година ова здружение во јавноста излезе со настан за проектот „Стоп за семејно насилство“, инициран од сопругата на бугарскиот амбасадор во Македонија, Билјана Ангелова.
Минатата година бугарските здруженија и клубови во земјава – „Иван Махајлов“ во Битола и „Цар Борис Трети“ во Охрид, кои по измените на Законот за здруженија и фондации во С Македонија беа избришани од Централниот регистар.