Најновите податоци на интернет-страницата „Ер вижуал“, кои го прикажуваат загадувањето во светот, ги позиционираа балканските градови високо на листата на најзагадени во светот.
Белград утрово е петти најзагаден град во светот и прв во Европа, по што следуваат Сараево и Загреб. На оваа мапа единственo ги нема Подгорица и Љубљана.
Поради повеќедневната загаденост на воздухот во Србија, властите за денеска свикаа итен состанок за да се анализира состојбата и мерките што се преземаат.
Освен Белград, според локалните податоци, канцероген воздух дишат и жителите на Валево, Панчево, Смедерево, Ужице, Бор и Ниш.
Во Валево, според податоците на српската Агенција за заштита на животната средина, концентрацијата на ПМ-10 и ПМ-2,5 честички надминува 300 нанограми на кубен метар и тој град е означен дека има „многу нездрав воздух“, а утринава спаѓаше во категоријата „опасен по здравјето“.
За в петок е свикана и вонредна седница на кантонот Сараево на која ќе се анализира колку се почитуваат интервентните мерки и ќе се бараат нови решенија за намалување на штетите од високата емисија на штетни материи во воздухот.
Во кантонот Сараево од 11 јануари е прогласена тревога поради прекумерното загадување на воздухот поради што се засилени контролите на правните субјекти и објектите на физичките лица и на субјектите кои за загревање користат цврсти горива и масла, на чистотата на јавните површини и сообраќајници и на градилиштата каде што е задолжителен прекинот на градежните работи.
Од денеска во сила во Загреб се препораките за населението поради зголемени вредности на ПМ-10 честичките. Тие се однесуваат главно за оние групи граѓани со акутни и хронични заболувања, а се препорачува и користење на јавниот превоз и греење на цврсти горива.
Мерните станици во земјава денеска највисока загаденост регистрираат во Кичево со 121 микрограми ПМ-10 честички на кубен метар, по што следуваат Битола со 88, Тетово и Кавадарци со 87, Велес 83 и неколку мерни места во Скопје – Ректорат со 104 и Лисиче со 96 микрограми ПМ-10 честички на кубен метар. Интервентни мерки се воведуваат кога концентрацијата на отровните ПМ-10 честички е над границата од 200 микрограми три дена едноподруго.