Кампањата „Обединет Балкан за чист воздух“ повикува на солидарност на граѓаните од Западен Балкан во борбата против користењето на јагленот како гориво, чие согорување се смета за најголем индивидуален извор на загадување на воздухот во регионот, а термоцентралите предничат во неговото користење.

„Обединет Балкан за чист воздух“ се залага за навремено затворање на централите со јаглен, како и итно намалување на загадувањето на воздухот предизвикано од тешката индустрија над пропишаните нивоа.
„Сулфур диоксид, тешки метали и други загадувачи го загрозуваат јавното здравје на Западен Балкан, но патуваат и многу подалеку. Од вкупно 3 906 предвремени смртни случаи во 2016 година, кои се припишуваат на ефектите од термоелектраните во регионот, 2 013 се случија во Европската Унија, 1 239 во регионот, а остатокот во други земји“,
посочуваат од кампањата која го промовира мотото „Изгасни го јагленот, вклучи го Сонцето“.
Освен во индустријата, јагленот се користи и во домаќинствата, дури и во топланите, а од кампањата сметаат дека елиминацијата на ова фосилно гориво ќе го отстрани најголемиот индивидуален извор на загадување на воздухот на Западен Балкан.
„Компаниите што управуваат со нив и државите во регионот не се придржуваат до законите и прописите за штетни гасови, што доведува до спорови, како што се случаи на прекршоци во рамките на Енергетската заедница… ЕУ се откажува од јаглен и ја стимулира употребата на чисти технологии во индустријата, за да се постигнат нула нето-емисии на јаглерод диоксид до 2050 година, помагајќи на тој начин да се ублажи глобалното затоплување“,
потенцираат од „Обединет Балкан за чист воздух“.
Оттаму потсетуваат дека државите во регионот ги прифатија овие цели кога ја потпишаа Софиската декларација во ноември 2020 година, со што се отвора патот кон неповратни грантови и финансиска поддршка дефинирани со Зелената агенда за Западен Балкан.
„Наместо за изградба или реконструкција на термоцентрали, средствата од буџетот можат да бидат наменети за социјални програми и преквалификација на работниците, како и за инсталирање на соларни постројки во рудници за јаглен што ќе ги компензира капацитетите за производство на електрична енергија што се затвораат. Трансформацијата во индустријата нека биде најзелена во Европа“,
порачуваат од кампањата.
Кампањата „Обединет Балкан за чист воздух“е иницирана од Европскиот фонд за Балканот, во партнерство со Правото на градот од Белград (Србија), Институтот за животна средина и територијално управување од Тирана (Албанија), „Екофорум“ од Зеница и за екологија и Енергија од Тузла (Босна и Херцеговина), „Сбункер“ од Приштина (Косово), „Мој воздух“ (AirCare) од Скопје (Северна Македонија) и ОЗОН од Подгорица (Црна Гора).