Долготрајното носење на маски и долгото траење на часовите се најголемиот проблем со кој се соочуваат децата, според поплаките од родителите до Народниот правобранител
Годинава почна подобро, донесени се протоколи за спроведување за наставата да биде безбедна, но тие тешко е да се реализираат. Едно е на хартија, друго е во практика, вели заменик-народниот правобранител Васка Бајрамовска-Мустафа за „Утрински брифинг“ и додава дека народниот правобранител и годинава добива поплаки за начинот на одвивање на наставата на почетокот на учебната година.
Како главни поплаки што ги добиваат ги издвои долготрајното носење маски, одржувањето хигиена и неможноста да се контролираат децата да внимаваат на протоколите.
„Тоа предизвикува деконцентрација, а кај помалите ученици, родителите имаат проблем да ги натераат да одат на училиште и да следат настава под вакви услови. Оттука, нашата препорака до МОН е да се скратат часовите, како и да им се дозволи на директорите самите да ги организираат часовите онака како што налагаат нивните можности“,
посочи Бајрамовска-Мустафа.
Народниот правобранител го повикува Министерството за образование и наука да појдат на терен и да провери како стојат состојбите во помалите места.
„Според наши сознанија, ретко каде во малите места се почитуваат протоколите“,
рече Бајрамовска-Мустафа и додаваде дека МОН би требало сериозно да ги сфати препораките од народниот правобранител бидејќи се произлезени од увид на терен и разговори со засегнатите страни.