Владата ја разреши дилемата кој ќе раководи со МТСП по разрешувањето на техничката министерка, која беше предложена од ВМРО-ДПМНЕ, а која даваше изјави пред табла со старото уставно име на државата. Наместо дополнителната заменичка Шкријељ, тоа ќе биде редовниот заменик-министер во овој ресор
Ѓонул Бајрактар, редовниот заменик-министер во труд и социјална политика, ќе раководи со овој владин ресор до изборите на 12 април. Ваков заклучок е донесен на денешната седница на Владата, по разрешувањето на техничката министерка Рашела Мизрахи, која беше предложена од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што соопштија од Владата, констатирано е дека се создадени услови од член 48, став 2 од Законот за организација и работа на органите на државната управа за Бајрактар, како заменик на министерот, да ги преземе овластувањата и одговорностите во раководењето со МТСП.
„Согласно став 2 на член 48 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, во делот 4, кој го уредува раководењето со органите на државната управа и нивни меѓусебни односи, се вели дека заменикот го заменува министерот во случај кога тој е отсутен или кога поради болест и други причини не е во можност да ја врши својата функција, со сите негови овластувања и одговорности во раководењето“,
објаснуваат од Владата.
Бајрактар предвреме, поточно на самиот старт на предизборието, го презема раководењето со Министерството за труд и социјална политика, наместо таа должност да му припадне по изборите. Доколку не дојдеше до разрешување на Мизрахи, поради нејзините изјави пред таблата со старото уставно име на државата, таа ќе требаше да се повлече од функцијата по завршувањето на изборите, како што е предвидено со Изборниот законик и со Законот за Владата, во делот каде што е уреден концептот на функционирање на т.н. пржинска влада.

Со објавувањето на конечните резултати од изборите, што би значело еден или два дена по завршувањето на гласањето, престанува и мандатот на дополнителните заменик-министри во МВР, МТСП, МИОА, како и во финансии и земјоделство. Дотогаш, дополнителната заменик-министерка во МТСП, Санела Шкријељ (предложена од СДСМ), практично, наместо со Мизрахи, ќе ги дели надлежностите со редовниот заменик-министер Бајрактар, кој сега го презема раководењето со овој ресор. Тој беше избран за заменик-министер во јуни 2018 година, при првата реконструкција на владата на СДСМ, а како кадар на Демократската партија на Турците, која претходно ја напушти коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ.

Бајрактар ќе раководи со МТСП до изборот на новата политичка влада, по одржувањето на десеттите парламентарни избори, што би значело најкусо до крајот на мај. По завршувањето на изборите, и раководењето со МВР ќе го преземе сегашниот редовен заменик-министер Агим Нухиу од ДУИ, кој беше во ваква позиција и по изборите во 2016 година, кога и беше воведен концептот пржинска влада.