Сè уште е во игра, но не можете ништо да предвидите – рече американскиот претседател по заминувањето од Демократската национална конвенција. Хамас, пак, обвинува дека САД купуваат време во интерес на Израел
Израелците се повлекоа од одредени барања кои беа вклучени во првичниот предлог на Бајден. Тоа што Нетанјаху кажа дека ќе се согласи со актуелниот договор на маса покажува дека американската администрација не успеала да го убеди да го прифати претходниот договор и затоа се добива впечаток дека САД купуваат време во интерес на Израел, вели портпаролот на Хамас, Осама Хамдан.
Денеска, пак, американскиот претседател Џо Бајден во Чикаго, рече дека договорот за прекин на огнот е на маса, но и дека ништо не може да се предвиди оти Хамас „отстапува“ од првичниот договор.
„Сè уште е во игра, но не можете ништо да предвидите. Израел вели дека може да се справи со тоа. Хамас сега отстапува“,
кажа Бајден.
Доцна синоќа американскиот државен секретар Ентони Блинкен во Тел Авив соопшти дека Израел го прифатил предлогот за надминување на разликите за прекин на огнот и ослободување на заложниците од Газа и го повика Хамас да одговори позитивно на понудата за прекин на огнот.
Тој не кажа дали предлогот ги вклучува и барањата на Израел за контрола на двата стратегиски коридори во Газа за кои Хамас не сака да преговара.
„На многу конструктивен состанок со премиерот Нетанјаху денеска, тој ми потврди дека го поддржува предлогот да се премости (јазот). Следниот важен чекор е Хамас да се согласи“,
рече Блинкен.
Инаку, во операција што израелската армија ја спровела во текот на ноќта во областа Кан Јунис во Појасот Газа биле пронајдени телата на шест заложници кои беа киднапирани во нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври. Израелската армија соопшти дека операцијата била овозможена со прецизни разузнавачки информации и дека телата се успешно пренесени во Израел.
„Операцијата за спасување беше овозможена со прецизни разузнавачки информации од ИСА, разузнавачките единици и штабот за заложници на Дирекцијата за разузнавање на ИДФ. Ќе продолжиме да работиме за да ги вратиме сите преостанати заложници дома. Нашите срца се со семејствата на овие жртви на тероризмот на Хамас“,
велат од израелската армија.