Бајден ќе се сретне со генералниот секретар на Комунистичката партија Нгујен Пу Тронг и други врвни виетнамски лидери во Ханој на 10 септември пред да отпатува за Алјаска за да ја одбележи годишнината од терористичкиот напад на Соединетите Држави на 11 септември 2001 година, соопшти Белата куќа
Американскиот претседател Џо Бајден ќе го посети Виетнам следниот месец за да се сретне со високи функционери и да разговара за прашања кои се движат од технологија и економија до регионална стабилност и климатски промени барајќи да ги зајакне врските во регионот во кој доминира Кина.
Бајден ќе се сретне со генералниот секретар на Комунистичката партија Нгујен Пу Тронг и други врвни виетнамски лидери во Ханој на 10 септември пред да отпатува за Алјаска за да ја одбележи годишнината од терористичкиот напад на Соединетите Држави на 11 септември 2001 година, соопшти Белата куќа.
Вашингтон сака да ги подобри односите со Ханој сметајќи го за клучен партнер во регионот во време кога американските односи со Пекинг се сè позатегнати. Во меѓувреме Виетнам мора да ја одмери реакцијата на својот моќен сосед бидејќи Кина станува сè понаметлива.
Администрацијата на Бајден се обидува да ги зајакне американските односи во Азија, а американскиот претседател ќе пристигне во Виетнам од Индија, каде што е предвидено да престојува од 7 до 10 септември и да присуствува на самитот на Г-20. Тој нема да присуствува на состаноците на АСЕАН на почетокот на следниот месец. Наместо него, ќе оди потпретседателката Камала Харис.
„За време на престојот во Ханој, Бајден и виетнамските власти ќе разговараат за продлабочување на врските меѓу двете земји, како и за зајакнување на виетнамската економија фокусирана на технологијата и иновациите“,
се вели во соопштението на Белата куќа откако Бајден ги објави плановите за патувањето на почетокот на овој месец.
Бајден разговараше со Тронг по телефон
Виетнамското Министерство за надворешни работи во вторникот соопшти дека посетата ќе ги зајакне односите Виетнам-САД.
„Меѓусебните посети ќе ги развијат билатералните односи на одржлив, значаен и долгорочен начин придонесувајќи за мирот, стабилноста и соработката во регионот и светот“,
се вели во соопштението на портпаролот на Министерството за надворешни работи, Фам Ту Ханг.
Вашингтон е фокусиран на Виетнам како клучен регионален партнер, особено кога сеќавањето на ерата на Виетнамската војна избледува. Бајден и Тронг разговараа телефонски во март, а американскиот државен секретар Ентони Блинкен ја посети оваа земја од Југоисточна Азија еден месец подоцна.
САД се најголемиот извозен пазар на Виетнам, а двајцата поранешни непријатели оваа година ја слават 10-годишнината од нивното „сеопфатно партнерство“. Тронг, најмоќната личност во Виетнам, минатата година стана првиот странски лидер што се сретна со претседателот Си Ѓинпинг во Пекинг откако кинескиот лидер обезбеди историски трет мандат.