Анкетите покажуваат дека американските гласачи се загрижени за возраста на Бајден пред веројатниот реванш следната година против Трамп, кого го порази во 2020 година
Џо Бајден (80), најстариот американски претседател во историјата на земјата, вчера изјави дека го разбира фокусот на неговата возраст, но истакна дека се кандидира за реизбор бидејќи Доналд Трамп сака да ја уништи американската демократија.
Бајден обично избегнува такви прашања, но на својата возраст се осврна во Њујорк велејќи дека неговото искуство му помогнало да се справи со кризи како Украина и ковид-19.
„Се чини дека многу луѓе се фокусирани на мојата возраст. Сфаќам, верувајте ми, го разбирам тоа повеќе од кој било“,
рече Бајден.
„Нема да им се поклонам на диктаторите“
„Се кандидирам затоа што демократијата е загрозена, бидејќи во 2024 година демократијата е повторно на гласачкото ливче. И нека нема сомнеж: Доналд Трамп и неговите МАГА (Make America Great Again) републиканци се решени да ја уништат американската демократија“,
додаде Бајден.
Демократот додаде дека нема да им се поклони на диктаторите и го обвини Трамп, чиј слоган е „Направете ја Америка повторно голема“, дека тоа го прави пред рускиот претседател Владимир Путин.
Анкетите покажуваат дека американските гласачи се загрижени за возраста на Бајден пред веројатниот реванш следната година против Трамп, кого го порази во 2020 година.
Трамп: Бајден не е премногу стар
Влијателниот американски колумнист Дејвид Игнатиус од „Вашингтон пост“ предизвика бурни реакции минатата недела кога го повика Бајден да не се кандидира, велејќи дека Бајден ризикува да го поткопа неговото „најголемо достигнување“ кога го победи Трамп.
Бајден, кој оваа недела присуствува на Генералното собрание на ОН во Њујорк, ќе има 86 години на крајот на евентуалниот втор мандат, а неговите републикански противници немилосрдно го таргетираат.
Трамп, кој има 77 години и би бил најстариот претседател доколку победи на изборите следната година, во интервју за Ен-би-си, емитувано во неделата, рече дека Бајден не е премногу стар, но дека е неспособен.
„Некои од најголемите светски лидери кога беа на власт беа во осумдесеттите. И Бајден не е премногу стар. Но, мислам дека тој е неспособен и тоа е поголем проблем“,
рече поранешниот претседател, кандидат на прелиминарните избори на Републиканската партија.