Американскиот претседател најави нови санкции, а во обраќањето меѓу првите кои ќе се најдат на мета ги посочи „двете најголеми руски финансиски институции“

Американскиот претседател Џо Бајден во обраќање од Белата куќа порача дека вчерашната одлука на Русија да ја признае независноста на двата сепаратистички региона во источна Украина, Донецк и Луганск, е почеток на руска инвазија на оваа земја.
„Рускиот претседател синоќа објави дека ќе отцепи дел од Украина. Слушајќи го неговиот говор, јасно е дека Путин спрема ’аргументи‘ да оди уште понатаму. Ова е почеток на неговата инвазија на Украина“,
рече Бајден кој оцени и дека Путин со вчерашниот говор се вратил неколку години наназад.
Според Бајден, тоа не било знак дека рускиот претседател сака вистински дијалог.
„Го нападна правото на Украина да постои, се закани на територијалниот интегритет, тоа е закана и за членките на НАТО. Нема дилема, Русија е агресор“,
констатираше Бајден.
Претседателот на САД најави и дека САД ќе воведат повеќе санкции против Москва, ако Русија продолжи понатаму со инвазијата.
„Што мисли Путин дека му дава право да признава таканаречени држави кои се наоѓаат на територијата на соседна земја? Тоа е кршење на меѓународното право. Денес ги најавувам и првите санкции за двете најголеми руски финансиски институции“,
рече Бајден.
Сранува збор за ВЕБ и Руската воена банка. Покрај тоа, тој најави санкции за руската елита и членови на нивните семејства, како и дека „делови од руската економија ќе бидат отсечени од меѓународните финансиски системи“.
- Шолц: Германија нема да го одобри гасоводот „Северен тек 2“
- Бела куќа: Ќе работиме со Германија за да бидеме сигурни дека „Северен тек 2“ нема да се пушти во употреба
- Санкции од владата на Џонсон за пет руски банки и за тројца олигарси блиски до Путин
- Руски пратеници и банки се најдоа на листата за санкции на ЕУ против Москва
Тој јасно порача и дека САД и сојузниците од НАТО ќе го бранат секој сантиметар од територијата на членките на Алијансата.
„Украина сè уште е опкружена од 150 000 руски војници. Не ви требаат резерви на крв ако не планирате да почнете со војна. Одбраната на слободата ќе има своја цена, како за Америка така и за другите, но ќе внимаваме цената да биде на сметка на Русија, а не на други земји. Ќе се обидеме да обезбедиме светски резерви на енергенси“,
посочи американскиот претседател.
Американскиот претседател информира и дека одобрил дополнителен трансфер на војници и воена опрема во Европа за зајакнување на балтичките сојузници, откако Путин нареди испраќање трупи во двете самопрогласени републики во источна Украина, што ги призна вчера.
„Откако Русија призна дека нема да ги повлече своите војници од Белорусија, одобрив дополнителен трансфер на американски војници и опрема кои веќе се стационирани во Европа, со цел да ги зајакнеме нашите балтички сојузници, Естонија, Летонија и Литванија“,
рече Бајден.
Тој додаде дека сака да појасни дека тоа се „целосно дефанзивни чекори“.
„Немаме намера да се бориме против Русија. Сепак, сакаме да испратиме јасна порака дека САД заедно со своите сојузници ќе ја бранат секоја педа од територијата на НАТО и ќе ги исполнат своите обврски кон Алијансата“,
рече Бајден.