Тајванското Министерство за одбрана изрази благодарност, но рече дека нема коментар за деталите за помошта, истакнувајќи дека САД веќе помогнале во зајакнувањето на борбените способности на островот според постојните политики и закони
Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден одобри воен трансфер во Тајван во рамките на Програмата за надворешно воено финансирање (ФМФ), која вообичаено се користи за суверени држави, се вели во известувањето испратено до Конгресот.
Известувањето, како што објави Ројтерс, ги информира конгресните комисии за намерата на Стејт департментот да одвои до 80 милиони американски долари средства од ФМФ за поддршка на Тајван.
Тајванското Министерство за одбрана изрази благодарност, но рече дека нема коментар за деталите за помошта, истакнувајќи дека САД веќе помогнале во зајакнувањето на борбените способности на островот според постојните политики и закони.
Републиканскиот пратеник Мајкл МекКол, претседател на Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом, рече дека е задоволен што администрацијата „конечно“ му дава ФМФ на Тајван.
„Ова оружје не само што ќе му помогне на Тајван и ќе ги заштити другите демократии во регионот туку и ќе ја зајакне позицијата на одвраќање на Америка и ќе ја обезбеди нашата национална безбедност против сè поагресивната кинеска комунистичка партија“,
рече МекКол во изјавата.
Претставник на Стејт департментот го потврди известувањето до Конгресот и рече дека одлуката да се обезбеди помош од ФМФ за Тајван не одразува никаква промена во американската политика.
Кина во повеќе наврати се пожалила од САД поради воената помош за Тајван, а нејзиното Министерство за одбрана рече дека американската војска мора да ги прекине сите форми на „воен дослух“ со Тајван. Соединетите држави, главниот снабдувач со оружје на Тајван, објавија пакет помош за оружје во вредност од 345 милиони долари минатиот месец.