ЕУ, пак, утревечер во Брисел ќе одржи итен самит за „агресивните дејствија“ на Русија против Украина, соопшти претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел во писмо до лидерите на Унијата

Американскиот претседател, Џо Бајден, издаде наредба до американската војска во Европа да ја засили одбраната во земјите кои се граничат со Украина, со распоредување дополнителни трупи и авијација во балтичките земји, Полска и во југоисточното крило на НАТО.
Силите ќе бидат префрлени во текот на неделата, соопшти претставник на Министерството за одбрана.
Министерот за одбрана Лојд Остин дал наредба за префрлање на 800 американски војници од Италија во балтичките земји. Префрлање ќе има и на осум воени авиони F-35 Lightning II од Германија во оперативната база на источното крили на НАТО. Дваесет офанзивни авиони AH-64 Apache исто така ќе бидат префрлени од Германија, а 12 хеликоптери Апачи ќе бидат префрлени од Грција.
„Овој дополнителен состав ќе биде релоциран за давање сигурност на нашите НАТО сојузници во справување со потенцијална агресија против земјите членки на НАТО и се спроведува заедно со силите на земјите домаќини“,
изјави Остин.
Европската Унија, пак, утревечер во Брисел ќе одржи итен самит за „агресивните дејствија“ на Русија против Украина, соопшти претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел во писмо до лидерите на Унијата.
„Важно е да продолжиме да бидеме обединети и одлучни и заеднички да го дефинираме нашиот колективен пристап и делување“,
рече Мишел.
Специјалниот Европски самит, како што го нарекува тој, треба да се одржи утре во 20 часот во Брисел.