На заедничката прес-конференција, финскиот претседател Нинисто рече дека неговата земја е подготвена да разговара со Турција, која се противи на нивното зачленување во НАТО, и според неговата изјава веќе во тек се отворени дискусии. Премиерката на Шведска, пак, порача дека со нетрпение очекува брз процес на ратификација на Пристапниот протокол како и дека нејзината земја е спремна да разговара си сите членки, вклучително и Турција

Шведска и Финска ги исполнуваат сите услови за влез во НАТО, порача претседателот на САД, Џо Бајден, по средбата со лидерите на овие две држави во Белата куќа – шведската премиерка Магдалена Андерсон и со финскиот претседател Саули Нинисто.
Според Бајден, двете земји имаат силни демократски институции, моќни војски и силни и транспарентни економии како и морално чувство за тоа што е правилно.
Денешниот ден на средбата со лидерите, еден ден по апликацијата на Шведска и Финска за влез во Алијансата, американскиот претседател го наречен „значаен и многу добар ден“.
„Горд сум што ја поздравувам и што нудам силна поддршка од САД за двете големи демократии и двата партнери, да се приклучат на најмоќниот одбранбен сојуз во историјата на светот“,
рече Бајден оценувајќи дека нивното членство ќе ја зајакне безбедноста на Алијансата.
Според американскиот претседател, зачленувањето на Финска и Шведска, исто така, не е закана за ниту една нација и никогаш не ни било.
На заедничката прес-конференција, финскиот претседател Нинисто рече дека неговата земја е подготвена да разговара со Турција, која се противи на нивното зачленување во НАТО обвинувајќи дека двете земји дека кријат и финансираат „терористи“, како и дека ги снабдуваат со оружје, зборувајќи за милитантната Курдската работничка партија (ПКК) и сириската курдска милиција (ИПГ), за кои тврди дека се тесно поврзани.
Финска, рече денеска нејзиниот претседател, целосно ќе се посвети на безбедноста на Турција доколку се приклучи на Алијансата.
„Го сфаќаме тероризмот сериозно, го осудуваме тероризмот и сите негови форми и активно сме ангажирани во борбата против него“,
рече Нинисто.
Според неговата изјава, веќе се во тек отворени и конструктивни дискусии со Турција.
И премиерката на Шведска, Магдалена Андерсон имаше обраќање на заедничката прес-конференција порачувајќи дека НАТО со овие две земји како членки ќе биде посилен сојуз.
Таа потсети дека нејзината земја има долга традиција на воена соработка со Алијансата и порача дека со нетрпение очекува да се случи брз процес на ратификација на Пристапниот протокол, како и да разговара со сите земји-членки вклучително и Турција.