Овој отпор на Турција го оневозможува генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, да го добие консензусот од сите земји-членки што е потребен за да се продолжи пристапниот процес
Неколку часа откако Финска и Шведска официјално побараа членство во НАТО, на состанокот на амбасадорите на земјите-членки Турција го блокираше пристапниот процес за овие две земји.
Веста засега ја пренесоа неколку светски медиуми повикувајќи се на дипломатски избори.
„Вашингтон пост“ повикувајќи се на двајца официјални претставници упатени во дискусијата, кои барале да останат анонимни, објави дека Турција на состанокот излегла со став дека сè уште треба да се работи на некои прашања поврзани со приклучувањето на Финска и Шведска во Алијансата.
Ваквата вест ја објави и „Дојче Веле“ повикувајќи се на еден дипломатски извор, како и новинската агенција ДПА.
Овој отпор на Турција го оневозможи генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, да го добие консензусот од сите земји-членки што е потребен за да се продолжи пристапниот процес.
Ваквиот развој на настаните на состанокот на амбасадорите во НАТО не е изненадување со оглед дека турскиот државен врв веќе отворено кажа дека се противи на членството на Финска и Шведска. Претседателот Реџеп Таип Ердоган и утрово изјави дека тие не треба да очекуваат поддршка од Турција.
Тој порача и дека шведските и финските делегации нема потреба да одат во Анкара со намера да ги предомислуваат турските власти, посета која веќе беше најавена за во понеделник.
Во меѓувреме, премиерката на Шведска, Магдалена Андерсон и претседателот на Финска Саули Ниинисте, се во посета на САД со цел да одржат средба со американскиот претседател Џо Бајден.
За време на нивниот престој во Вашингтон, Бајден изјави дека силно ги поддржува барањата за влез во НАТО, што го смета за потег кој, „дополнително ќе ја зајакне меѓусебната соработка и ќе донесе корист за целата Алијанса“.
Бајден рече дека САД ќе соработуваат со Финска и Шведска за да останат будни во случај на какви било закани за нивната заедничка безбедност, во време кога се разгледува приемот за членство на двете нордиски земји.
Photo: EPA-EFE/TOMS KALNINS