Ќе работам со секој, додаде Бајден, републиканец или демократ, кој е подготвен да работи со мене за да дадеме резултати за американскиот народ
Американскиот претседател Џо Бајден им честита на републиканците за освојувањето мнозинството во Претставничкиот дом на САД и додаде дека е подготвен да работи со нив.
„Му честитам на лидерот на (малцинството во домот) Кевин Мекарти што републиканците го освоија мнозинството во Претставничкиот дом и сум подготвен да работам со републиканците во Претставничкиот дом за да постигнеме резултати“,
рече Бајден во изјавата објавена кусо откако американските медиуми ја прогласија трката за завршена.
Ќе работам со секој, додаде тој, републиканец или демократ, кој е подготвен да работи со мене за да дадеме резултати за американскиот народ.
Според проекциите за резултатите од среднорочните избори во САД, републиканците освоија мнозинство во Претставничкиот дом поставувајќи ја основата за двегодишна поделба на власта во американскиот Конгрес бидејќи демократите на претседателот Џо Бајден ја задржаа контролата врз Сенатот.
Благодарение на мнозинството во Претставничкиот дом, републиканците ќе можат да го спречат Бајден да ја спроведе својата политичка агенда и да покренат потенцијално политички штетни истраги за неговата администрација и семејство. Сепак, тесната изборна победа на републиканците е далеку од „црвениот бран“ на кој се надеваше партијата.