По синоќешните внатрепартиски избори кај демократите во 14 сојузни држави, Бајден освои мнозинство во 9, но Сандерс има поголем број делегати зад себе
Поранешниот потпретседател Џо Бајден синоќа на гласањето во таканаречениот „супервторник“ го доби мнозинството во 14 сојузни држави на внатрепартиските избори во Демократската партија за претседателска номинација. Но, сенаторот Берни Сандерс ги доби Калифорнија и, најверојатно, Тексас и освои најголем број делегати.
Иако на изборите учествуваа уште четворица кандидати, во трката синоќа како двајца главни претенденти се истакнаа Бајден и Сандерс. Двајцата политичари се со целосно различни идеолошки погледи – едниот е демократ центрист, воздржан кон суштествени промени, додека другиот е демократски социјалист, кој повикува на значаен ремонт на системот со помош на „политичка револуција“ во САД.

По затворањето на гласачките места, прво во Северна Каролина и Вирџинија, а потоа и во Тенеси, Алабама, Оклахома и Арканзас, држави од централниот запад на САД, првичните резултати укажаа на победа на Бајден и голема поддршка од афроамериканската заедница, кои сочинуваат четвртина до половина од вкупниот број на избирачи во тие држави.
Бајден се врати во трката по убедливата победа во Јужна Каролина во саботата и по поддршката што ја доби од сенаторката Ејми Клобучар и градоначалникот Пит Бутиџич, кои во меѓувреме ја напуштија трката.
Тој направи вистинско изненадување и победи во Северна Каролина, иако таму не потроши воопшто за реклами и не водеше кампања, и имаше краткотраен престој во Вирџинија, пред синоќа да замине на митинг за Лос Анџелес.
Според досега преброените гласови, Бајден добива делегати од осум сојузни држави, вклучувајќи ги Минесота и Масачусетс.
Според првичните резултати, Сандерс победи во Вермонт и во уште четири сојузни држави – Калифорнија, Тексас, Колорадо и Јута.
Сепак, од девет помали држави (вклучително и Јужна Каролина) Бајден засега има освоено помалку делегати, или вкупно 337.

Сандерс, пак, најверојатно ги добива таканаречените „бојни полиња“ – државите Калифорнија и Тексас што даваат над 640 делегати вкупно (Калифорнија како најнаселена дава 415 делегати). Со ова, сенаторот од Вермонт може да освои најмалку една третина од вкупно потребниот број на делегати (1 991) и со тоа да биде поблиску до номинацијата.
Милијардерот Мајкл Блумберг, кој за кампања за реклама во сите четиринаесет држави потроши речиси половина милијарда долари, се најде на трето место и досега има освоено само 27 делегати.
Сенаторката Елизабет Ворен беше последна во трката и не успеа да го насочи јавното мислење на своја страна ниту во својата родна Оклахома, каде што победи Бајден.