Американскиот претседател посочи дека светот се соочува со пресвртница во историјата и дека обезбедувањето воена и економска помош за Израел и Украина е во интерес на глобалната и националната безбедност и стабилност. Во оваа насока, најави дека ќе испрати барање до Конгресот за финансирање на американските национални безбедносни интереси за поддршка на најважните партнери, вклучувајќи ги Израел и Украина
Американскиот претседател Џо Бајден во синоќешното вонредно телевизиско обраќање до нацијата ги осуди милитантната организација Хамас и рускиот претседател Владимир Путин велејќи дека зад нападот на Израел и инвазијата на Украина стои заеднички мотив.
„Хамас и Путин претставуваат различни закани, но тие имаат едно нешто заедничко – сакаат да ја уништат демократијата во соседството“,
рече претседателот на САД во обраќањето од Овалната соба на Белата куќа.
Говорејќи пред американската јавност, Бајден вети дека ќе стори сé за да ги врати американските заложници кои ги држеше Хамас.
„Како што им кажав на семејствата на Американците кои ги држи Хамас, бараме сите средства да ги вратиме нивните најблиски дома. Како претседател, за мене нема поголем приоритет од безбедноста на Американците кои се држат како заложници“,
рече Бајден.
Во обраќањето до нацијата, американскиот претседател кажа дека е скршен поради трагичната загуба на палестински животи во експлозијата во болницата во Газа повторувајќи оти процената на САД е дека Израел не е одговорен за инцидентот.
Бајден посочи дека светот се соочува со пресвртница во историјата и дека обезбедувањето воена и економска помош за Израел и Украина е во интерес на глобалната и националната безбедност и стабилност. Говорејќи во оваа насока, најави дека ќе испрати барање до Конгресот за финансирање на американските национални безбедносни интереси за поддршка на најважните партнери, вклучувајќи ги Израел и Украина.
„Не можеме да дозволиме ситна, злобна, партиска политика да застане на патот на нашата одговорност како голема нација. Не можеме и нема да дозволиме да победат терористите како Хамас и тираните како Путин. Одбивам да дозволам тоа да се случи“,
рече Бајден.
Американскиот претседател кажа и дека светот не може да се откаже од решението со две држави во случајот со Израел и Палестина. Колку и да е тешко, рече Бајден, не можеме да се откажеме од решението од две држави бидејќи Израелците и Палестинците заслужуваат да живеат безбедно, достоинствено и во мир.