Милитантното палестинско движење Хамас преку соопштение ја поздрави резолуцијата што синоќа ја изгласа Советот за безбедност на ОН, но тоа сè уште не се толкува како јасен знак дека раководството во Газа го прифатило планот за прекин на огнот. И позицијата на израелската влада, како што пишува „Гардијан“, исто така, не е целосно јасна во моментот
Американскиот претседател Џо Бајден го повика Хамас да го прифати договорот за прекин на огнот во Газа по успешното гласање на Советот за безбедност (СБ) на Обединетите нации (ОН) за предлогот, јавуваат светските медиуми.

Како што наведува „Гардијан“, станува збор за прв сеопфатен мировен договор за ставање крај на војната во Газа одобрен од телото на Обединетите нации.
Повикот на Бајден до Хамас уследи веднаш по гласањето на Советот за безбедност.
„Советот за безбедност на ОН штотуку ја усвои нашата резолуција со која се повикува Хамас да го прифати договорот за воспоставување прекин на огнот со ослободување на заложниците.
Хамас вели дека сака прекин на огнот. Овој договор е можност да докажат дека тоа го мислат“,
напиша Бајден на социјалната платформа Икс.
The UN Security Council just adopted our resolution calling on Hamas to accept the deal to establish a ceasefire with the release of hostages.
— President Biden (@POTUS) June 10, 2024
Hamas says it wants a ceasefire. This deal is an opportunity to prove they mean it.
Советот за безбедност на ОН синоќа го поддржа планот на американскиот претседател за прекин на огнот во Газа, а за предлог-резолуцијата гласаа 14 земји членки, додека Русија, која е една од петте постојани членки на Советот со право на вето, беше воздржана.
Амбасадорката на САД во ОН, Линда Томас-Гринфилд, изјави дека најмоќното тело на ОН гласало за мир.
Милитантната палестинска група Хамас преку соопштение ја поздрави резолуцијата, но тоа сè уште не се толкува како јасен знак дека раководството во Газа го прифатило планот за прекин на огнот. И позицијата на израелската влада, како што пишува „Гардијан“, исто така, не е целосно јасна во моментот.
Во меѓувреме, американскиот државен секретар Ентони Блинкен, кој е во посета на Израел за да му даде поттик на планот за прекин на огнот, денеска ќе има разговори со клучните фигури на израелската опозиција, јавува агенцијата Франс прес.
Блинкен во Тел Авив е предвидено да се сретне со поранешниот началник на израелската војска, Бени Ганц, кој во неделата поднесе оставка од владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху, како и со опозицискиот лидер Јаир Лапид.
Претходно Блинкен беше во Египет, од каде што ги повика владите на земјите во регионот да го притиснат Хамас да го прифати предлогот за прекин на огнот, а вчера државниот секретар на САД имаше средба со премиерот на Израел, Нетанјаху во Ерусалим.

Американскиот државен секретар е на осма турнеја низ регионот од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас, а се очекува во рамките на неа да ги посети Јордан и Катар.
Амбициозниот предлог на Бајден од крајот на мај бара целосен и неопределен прекин на огнот за шест недели. Во тој период би била ослободена одредена група заложници. За возврат, ќе бидат ослободени и Палестинците од израелските затвори.
Во следната фаза борбите би биле трајно прекинати, а останатите заложници би биле ослободени.
Според нацрт-резолуцијата, последната фаза би ја опфатила реконструкцијата на Појасот Газа.
Резолуцијата на Советот за безбедност, која е обврзувачка според меѓународното право, изјавува дека Израел го прифатил планот и го повикува Хамас да го стори истото, повикувајќи ги двете страни да го усвојат планот без одлагање и безусловно.