Претседателот на САД, при објавувањето на одлуката, ги повика гувернерите на сојузните држави да преземат идентични чекори и да ги ослободат од затвор сите осудени за поседување марихуана, потег што ќе влијае на илјадници Американци
Одлуката на Бајден доаѓа еден месец пред критичните ноемвриски избори кои треба да ја одредат контролата врз Конгресот на САД. Некои од кандидати, а особено демократскиот гувернер на Пенсилванија, Џон Фетерман, кој се кандидира за место во американскиот Сенат, го ставија прашањето на марихуаната на централно место во своите кампањи, пишува Си-ен-ен
Американскиот претседател Џо Бајден донесе извршна одлука со која ги помилува сите претходно осудени со федерални пресуди за едноставно поседување на марихуана, односно за поседување марихуана за лична употреба, соопшти Белата куќа.
„Мојата намера со оваа прокламација е да дадам помилување само за прекршокот за едноставно поседување марихуана што го прекршува Федералниот закон или го прекршува кодот 48 – 904.01 (г)(1) на ДЦ, а не какви било други прекршоци поврзани со марихуана или други контролирани супстанци. Ниту еден израз овде нема да се толкува како помилување на кое било лице за кое било друго дело, вклучително и поседување други контролирани супстанции, без разлика дали се извршени претходно, последователно или истовремено со делото едноставно поседување марихуана за кое е дадено помилувањето. Ова помилување не се однесува на поединци кои не се државјани на Соединетите Држави и кои не биле законски присутни во времето на извршување на прекршокот“,
се наведува во одлуката на Бајден, објавена од Белата куќа.
Како што пишува Си-ен-ен, одлуката на претседателот Бајден е првиот негов чекор кон декриминализација на марихуаната, со кои исполнува едно од своите предизборни ветувања и започнува процес на потенцијално олабавување на федералната класификација на дрогите.
Високи претставници на администрацијата на Бајден велат дека одлуката на претседателот ќе влијае на илјадници Американци обвинети за ова кривично дело.
Одлуката на Бајден доаѓа еден месец пред критичните ноемвриски избори кои треба да ја одредат контролата врз Конгресот на САД. Некои од кандидати, а особено демократскиот гувернер на Пенсилванија, Џон Фетерман, кој се кандидира за место во американскиот Сенат, го ставија прашањето на марихуаната на централно место во нивните кампањи, пишува Си-ен-ен.
Претседателот на САД, Џо Бајден, при објавувањето на одлуката, ги повика гувернерите на сојузните држави да преземат идентични чекори и да ги ослободат од затвор сите осудени за едноставно поседување марихуана, потег што ќе влијае на илјадници Американци.
Претседателот ќе го задолжи министерството за здравство и човечки услуги и јавниот обвинител Мерик Гарланд „експедитивно“ да ја разгледаат класификацијата на марихуаната според федералниот закон, што е првиот чекор кон потенцијално олеснување на федералната класификација која во моментов ја става марихуаната во иста категорија со хероинот и ЛСД.
„Никој не треба да биде во затвор само заради користење или поседување марихуана. Тоа е легално во многу држави, а криминалните досиеја за поседување марихуана доведоа до непотребни бариери за вработување, домување и можности за образование. Ако се осврнеме на расните разлики околу тоа кој ги трпи последиците, белите, црните и кафеавите луѓе користат марихуана со слични стапки, но црните и кафеавите луѓе се апсат, гонат и осудуваат со непропроционални стапки. Премногу животи се уништени поради нашиот неуспешен пристап кон марихуаната. Време е да ги исправиме грешките“,
рече Бајден во видеообраќање по повод објавувањето на одлуката.