Зборовите на Бајден, како што забележува „Гардијан“, се во целосна спротивност со позициите на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, чии изјави дадени во интервјуа за американски медиуми минатата недела беа протолкувани како отфрлање на идејата за палестинска управа во Газа по војната
Американскиот престедател Џо Бајден во нова колумна објавена во „Вашингтон пост“ вели дека палестинските власти треба да управуваат со Газа и Западниот брег по ставањето крај на војната меѓу Израел и Хамас, пренесува „Гардијан“.
„Додека се стремиме кон мир, Газа и Западниот Брег треба повторно да се обединат под единствена структура на управување, под ревитализирана палестинска управа, додека сите работиме кон решение за две држави“,
навел Бајден.
Претседателот на САД, исто така, посочил дека решението за две држави е „единствениот начин да се обезбеди долгорочна безбедност и на израелскиот и на палестинскиот народ“ додавајќи дека Газа „никогаш повеќе не смее да се користи како платформа за тероризам“.
„Не смее да има присилно раселување на Палестинците од Газа, реокупација, опсада или блокада, ниту намалување на територијата…Откако ќе заврши оваа војна, гласовите на палестинскиот народ и нивните аспирации мора да бидат во центарот на посткризното владеење во Газа“,
исто така напишал американскиот претседател во колумната.
Зборовите на Бајден, како што забележува британскиот весник, се во целосна спротивност со ставовите на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој минатата недела за Си-ен-ен изјави дека мора да има „реконструирана цивилна власт“ во Газа по војната во „преовладувачки и нагласен израелски воен коверт“.
„Цивилната власт треба да соработува во две цели – едната е демилитаризација на Газа и втората е дерадикализација на Газа. Морам да кажам, палестинската управа за жал потфрли и по двете точки“,
изјави Нетанјаху, што беше протолкувано како отфрлање на идејата за палестинска управа во Газа.
Во изјава за Еј-би-си Њуз, израелскиот премиер, исто така, минатата недела рече дека по војната Израел треба „на неодредено време“ да ја има одговорноста за безбедноста во Појасот Газа, што беше отфрлено од страна на САД.
Тогаш реакцијата дојде од американскиот државне секретар Ентони Блинкен, кој од Токио порача дека можеби ќе биде потребен „некој преоден период“ на крајот на конфликтот, но дека посткризното управување со Газа мора да ги вклучи Палестинците.
„Тоа мора да вклучи владеење предводено од Палестинците и обединување на Газа со Западниот Брег под палестинската управа“,
рече минатата недела шефот на американската дипломатија.