По 17 години чекање се случи и тоа. Северна Македонија ги почна преговорите за членство во Европската Унија. Денот започна со првата меѓувладина конференција. Потоа, се одржа состанок со кој формално почна скринингот на законодавството на земјава. За крај, во Брисел се одржа мал коктел. Не само за Северна Македонија, туку и Албанија, втората држава која денеска ги почна пристапните преговори со ЕУ.
Атмосферата во Брисел беше позитивна, а на крајот на денот и славеничка. Во Скопје, пак, во чест на историскиот датум, зградите на Владата и на МНР „светат“ во боите на знамето на ЕУ.
Сепак, многумина не ги примија со радост ниту сликите од Брисел, ниту од Скопје. Причината е што за да се одржи првата меѓувладина конференција земјава мораше да направи компромис во спорот со Бугарија. Пред да се одржи меѓувладината конференција со која ќе се заокружи т.н. фаза за отворање на преговорите, а потоа ќе се отворат и кластери (скринингот секако трае околу година и половина), земјава мора да го смени Уставот и во него да го додаде делот од бугарскиот, меѓу другите народи. Опозицијата, но и бројни интелектуалци, и денеска не се воздржаа да го соопштат својот став – дека тој компромис со соседот, кој вклучува и други потенцијални обврски на земјава, е недопустлива цена која се плаќа за процес кој нема извесен крај. Власта, но и друга група интелектуалци, и денеска објаснуваа дека компромисот нема да им наштети на клучните белези на македонскиот народ, на јазикот и на идентитетот, како што тврди ,,другата страна”.
Додека домашната политичка, експертска, па и општа јавност одамна се влезени, пред се, во емотивна дебата, денеска од Брисел и Вашингтон стигнаа неколку пораки во контекст на жестоката дискусија. Две се однесуваа на главните прашања кои го засенуваат денот, а една и на пошироката слика – какво значење имаа денешните случувања во Брисел.
Урсула фон дер Лајен: Договорот за ФРОНТЕКС на македонски јазик, без фусноти и ѕвездички
Едно од прашањата што го окупираа домашниот простор е дали владата го „заштитила“ македонскиот јазик во преговорите со ЕУ. Во корпусот различни толкувања, особено по унилатералните изјави на Северна Македонија и на Бугарија за јазикот, се вклучи гласот на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Северна Македонија веќе подолго време не може да потпише договор со ФРОНТЕКС (Европската агенција за граници н.з.) поради проблемот што Бугарија го има со македонскиот јазик. Поради „ветото“ на Бугарија, ЕУ, на пример, не може да распореди свои полициски сили на македонската граница, заедно со домашната полиција.
Тоа брзо ќе се смени, најави Фон дер Лајен, пред почетокот на првата меѓувладина конференција. Пораката ја упати директно кон премиерот Ковачевски – дека договорот со ФРОНТЕКС ќе биде преведен на македонски јазик, „без фусноти, ѕвездички…“
Фон дер Лајен ова го најави во изјава пред почетокот на првата меѓувладина конференција како пример за областите во кои земјава ќе работи одблиску со Унијата по денешниот старт на преговарачкиот процес.

„Северна Македонија набрзо ќе преговара со нас за Фронтекс, се работи за распоредувањето на Фронтекс во Северна Македонија и тоа ќе ја зацврсти нашата соработка во миграцијата и Димитар може да сметате на мојата поддршка за да се осигураме дека договорот ќе биде преведен на македонски јазик, без фусноти, ѕвездички, на еднакво ниво со сите 24 европски јазици“,
рече претседателката на ЕК.
Ставот на Фон дер Лајен нема да ја смени позицијата на Бугарија, но покажува нешто друго. Дека Бугарија го задржува правото на свое мислење, кое нема да влијае на статусот на македонскиот јазик во ЕУ.
Борел: Нема да го изгубите идентитетот
Кога почна првата меѓувладина конференција на земјава со ЕУ, збор зеде и Жозеп Борел, високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ. На почетокот, направи ретроспектива на напорите и заложбите на Северна Македонија да почне преговори со ЕУ. Потоа, се префрли на прашањето на поделбите и обединувањето.
Тој посочи дека Унијата е креирана токму за да ги намали поделбите, дека ЕУ мора да напредува и дека Западниот Балкан е дел од тој напредок. Тука дојде и до идентетот, за кој кажа – нема да го загубите на патот до ЕУ.

„Идентитот е тема на која страствено се дискутира во последниве недели, месеци и години. На вашиот пат кон Европската Унија нема да го загубите својот идентитет. Никој од нас не го губи. Ние имаме сложен, неколкуслоен идентитет. Северна Македонија со овој идентитет, со својот идентитет, со својата богата историја и култура секогаш била дел од Европа. Не ви требаат заклучоци од Советот за да го знаете тоа. Вашиот идентитет ќе остане, ќе биде збогатен со идентитетите на другите кои не се алтернативни, туку се надополнуваат. Богатството на човечкото суштество е да има повеќе идентитети. Сите компатибилни. И затоа, главно, денеска славиме. Потребни сте ни. Ни треба Северна Македонија, за да го надополни нашиот сложен идентитет. Потребни сме си едни на други, затоа што заедно сме посилни“,
кажа Жосеп Борел, висок претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ.
Бајден: САД ќе продолжат да бидат силен и доверлив партнер
Денешните случувања во Брисел ги прокоментира и Вашингтон. Конкретно, претседателот Џо Бајден објави своја изјава по повод почетокот на преговорите на Северна Македонија и Албанија со ЕУ.
Првиот човек на САД не се осврна на идентитетските или прашањата од минатото, туку на случувањата во сегашноста. И токму во контекст на предизвиците денеска го поздрави чекорот на двете балкански земји.

„Соединетите Американски Држави ги поздравуваат важните чекори што ги презема Европската Унија за интеграција на Западен Балкан во евроатлантската заедница, со отворањето на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија. Во моменти кога Русија го раздрма мирот во Европа, никогаш не било поважно да се поддржат аспирациите за Европа како целина, слободна и во мир. Демократски, безбеден и просперитетен Западен Балкан е нешто суштинско за оваа визија. САД ќе продолжат да бидат силен и доерлив партнер во напорите на тие нации да ги бранат човековите права, да ги зајакнат демократските реформи и да го поддржат владеењето на правото. Чекорите кои ЕУ, Албанија и Северна Македонија ги презедоа во последните денови треба да ги инспирираат сите аспиранти за ЕУ во регионот, да ја зголемат нивната посветеност да ги зајакнат нивните демократии“,
гласи интегрално пораката на претседателот на САД, Џо Бајден.