Барањето на претседателот Џо Бајден за финансирање доаѓа неколку дена откако тој го посети Израел и вети солидарност додека земјата ја бомбардира Газа по нападот на Хамас во кој загинаа 1 400 луѓе во јужен Израел
Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден побара од Конгресот речиси 106 милијарди долари дополнително финансирање за амбициозните планови за безбедноста на границите на Украина, Израел и САД.
Барањето на претседателот Џо Бајден за финансирање доаѓа неколку дена откако тој го посети Израел и вети солидарност додека земјата ја бомбардира Газа по нападот на Хамас во кој загинаа 1 400 луѓе во јужен Израел.
„Барањето ќе помогне да се ублажат глобалните хуманитарни влијанија од руската брутална инвазија на Украина и од ужасните напади на Хамас врз Израел, вклучително и со продолжување на хуманитарната помош за цивилите во Газа“,
се вели во информацијата од администрацијата на Бајден.
Пакетот, кој ќе биде пред Конгресот, ќе бара и дополнително финансирање за американско-мексиканската граница и приоритетите во индо-пацифичкиот регион, пренесува Си-ен-ен.
„Светот гледа и американскиот народ со право очекува нивните лидери да се соберат и да ги исполнат овие приоритети. Го повикувам Конгресот да се осврне на нив како дел од сеопфатен, двопартиски договор во следните недели“,
рече буџетскиот директор на Бајден, Шаланда Јанг, во писмо до вршителот на должноста претседател на Претставничкиот дом, Патрик МекХенри.
Според Канцеларијата за управување и буџет на САД, 60 милијарди долари се бараат за финансирање на Украина, 14 милијарди долари за Израел, за хуманитарна помош се бараат 10 милијарди долари кои се за Украина и за целиот свет, 14 милијарди долари за гранично финансирање за справување со трговијата со дрога и седум милијарди долари за приоритетите во индо-пацифичкиот регион и Тајван.