Европскиот механизам за цивилна заштита доби повеќе барања за помош од земји членки на ЕУ, како и од земји од регионот, вклучително и од Северна Македонија, за справување со здравствената криза.
Како што јави МИА од Брисел, конкретно, Австрија испраќа заштитни ракавици и гел за дезинфекција во Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Молдавија, додека Србија ќе добие ќебиња, душеци и шатори за бегалците кои се наоѓаат на нејзина територија.
„Вирусот не познава граници и соработката е единствениот начин да го спречиме. Благодарен сум им на Словачка и Австрија за нивните гестови на европска солидарност, изјави еврокомесарот за хуманитарна помош“,
Јанез Ленарчич.
Европската комисија потсетува дека оваа помош за земјите од регионот е дел од општата помош на ЕУ за Западниот Балкан, во која е вклучена и финансиска помош.
Земјите – членки на ЕУ продолжуваат исто така да ја координираат взаемната помош преку Европската комисија. Словачка испраќа маски и гел за дезинфекција во Италија, а Австрија во Хрватска.
Италија, како најпогодена земја од коронавирусот, до сега добила бројни понуди за помош преку Механизмот за цивилна поддршка, вклучително и цели тимови на лекари и медицински сестри.