Ова денеска на министерот за внатрешни работи во техничката влада, Панче Тошковски, му го пренеле амбасадорите на Австрија и на Хрватска во земјава, Мартин Памер, односно Нивес Тигањ
Австрија и Хрватска имаат разбирање за проблемот со замената на патните исправи и не им прават проблеми на македонските граѓани при нивното движење низ овие две земји со пасоши со старото уставно име доколку се со валиден рок.

Ова денеска на министерот за внатрешни работи во техничката влада, Панче Тошковски му го пренеле амбасадорите на Австрија и на Хрватска во земјава, Мартин Памер, односно Нивес Тигањ.
Тошковски за двете одвоени средби со двајцата странски дипломатски претставници информира преку објава на својот фејсбук-профил.
Од негова страна тој изразил голема благодарност за разбирањето на двете земји во врска со ситуацијата со замената на патните исправи, обврска која произлегува од Преспанскиот договор.
„Во однос на македонските патни исправи двајцата амбасадори истакнаа дека нивните држави имаат разбирање за овој проблем и излегуваат во пресрет на македонските граѓани кои можат непречено да го остваруваат правото на слободно движење во Австрија и Хрватска со старите патни исправи, доколку истите имаат валиден рок, за што од моја страна беше изразена голема благодарност“,
напиша министерот за внатрешни работи на Фејсбук.
На средбите со двајцата амбасадори, наведува Тошковски, било разговарано и за функционирањето на техничката влада и улогата на Министерството за внатрешни работи во спроведувањето фер и демократски изборен процес.

Дел од земјите членки на Европската Унија изминатиов период покажуваат флексибилен однос околу движењето на македонските државјани низ нивните држави со пасоши со старото уставно имено, додека во земјава се прават напори и се бараат решенија за доцнењето со замената на пасошите, која согласно Преспанскиот договор требаше да заврши заклучно со 12 февруари.
Минатата недела Тошковски се најде во своевидна јавна препирка со шефот на дипломатијата и кандидат на ДУИ за претседател на државата, Бујар Османи. Имено, Тошковски излезе со тврдење дека Комитетот за патни исправи на Европската комисија донел одлука земјите членки на ЕУ да не им прават проблеми на македонските државјани со стари пасоши, на што Османи во изјава за медиумите рече дека станува збор за погрешна интерпретација на министерот за внатрешни работи, бидејќи секоја членка на ЕУ за ова прашање одлучува посебно како нејзино суверено право.
Околу решенијата за проблемот спротивставени ставови има и меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Додека од ВМРО-ДПМНЕ бараат пролонгирање на рокот на важење на пасошите со старото уставно име до крајот на годината, од СДСМ велат дека такво нешто би се косело со Уставот, посочувајќи дека проблемот може да се реши со забрзување на процесот на издавање на патните исправи со новото уставно име.
Викендов од Министерството за внатрешни работи соопштија дека за граѓаните на Град Скопје од вчера е ставено во функција она што претходно беше најавено, а се однесува на можноста граѓаните на главниот град кои се фотографирале во редовна постапка на пунктовите „Пролет“ и „МТВ“ да го проверат статусот на својот пасош, односно дали тој е во процес на изработка или е изработен и може да се подигне.