Гласањето се одвива во најдобар ред, во една демократска и фер атмосфера, вели Аврамовска-Мадиќ
Многу мал број гласачи, кои немале активна регистрација, не успеале да го остварат правото да гласаат на изборите за нов претседател на СДСМ, вели Викторија Аврамовска-Мадиќ, претседателка на Централната изборна комисија во партијата. Според неа, станува збор за дваесетина лица на ниво на цела држава, каде што се спроведува гласањето.
„Морам да напоменам дека денеска право на глас имаат сите оние што се запишани во избирачкиот список, активно се регистрирале на два начина, едниот е онлајн или со пријава во општинската организација и во себе поседуваат црвена членска книшка бидејќи системски мора да гласаат преку читачот. Сите оние што ги има во избирачкиот список, а во моментот немаат книшка ја изгубиле или е општетена, ЦИК издава членски книшки за оние што имаат желба да дојдат да ја подигнат преку општинската организација. Вчера имаше издавање на членски книшки и во текот на денот кажавме дека сето тоа може. Станува збор за многу мал број лица кои тврдат активно се регистрирале, а системот не ги покажува дека на ниту еден начин биле активно регистрирани,“
рече Аврамовска-Мадиќ.

Фото: МИА
Таа додава дека гласањето се одвива во најдобар ред, во една демократска и фер атмосфера.
Според пресекот што го направила Централната изборна комисија до 14 часот, од вкупно запишаните избирачи во избирачкиот список за избор на претседател на СДСМ, излезени се 6 706 или 28,61 отсто. Аврамовска-Мадиќ додаде дека по завршувањето на гласањето во 20 часот, ЦИК ќе информира за резултатите од денешните избори, како и за вкупната излезеност.
Претходно, кандидатот за претседател на СДСМ, Јован Деспотовски, информира дека голем број членови на партијата биле вратени од местата каде што се гласа.
Бајдевски порача дека тој ќе поднесе претставки за злоупотреба на личните податоци на дел од членовите на СДСМ, на што претходно реагираше и Славјанка Петровска која ја повлече кандидатурата, додека за Филипче гласањето се одвива мирно, во позитивен дух меѓу сите другари и другарки кои излегуваат на гласање.