Во врска со случајот вчера се огласи Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, од каде што соопштија дека штипското Основно јавно обвинителство постапува и издава наредби и насоки за негово расчистување
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) денеска остро го осуди опожарувањето на возилото на новинарот и сопственик на штипската телевизија М-Нет, Благој Серсемов, и ги повика надлежните во најскоро време да го расчистат случајот.

Оттаму посочуваат дека заканите и заплашувањата кон медиумите ја поткопуваат демократијата, слободата на говорот и слободата на информирање.
„Безбедноста на медиумските работници е клучна за постоење на независни и професионални медиуми, кои се еден од главните стожери на демократските процеси и кои придонесуваат за унапредување на слободата на изразување“,
се вели во соопштението на АВМУ.
Истовремено, Агенцијата го повикува Министерството за внатрешни работи во најскоро време да го расчисти случајот и да ја информира јавноста за причините за, како што велат, овој вандалски чин.
Автомобилот на Серсемов, како што беше соопштено вчера, бил запален ноќта меѓу средата и четвртокот од непознати лица во дворот на неговата семејна куќа.
Информирајќи за настанот, од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) вчера, покрај осудата на вандалскиот чин и повикот за итно расветлување на случајот, рекоа дека Серсемов се соочува и со правни притисоци, односно со неосновани тужби за клевета поради што е застапуван од адвокатите на ЗНМ пред Основниот суд во Штип.
„Заканите од ваков тип се неприфатливи во едно демократско општество кое тежнее кон заштита на медиумските права и безбедноста на сите новинари. Овој напад не е само физички чин на уништување на имот, туку има за цел да ги замолчи новинарите и да го заплаши медиумскиот сектор во земјава во целост“,
се вели во вчерашната реакција на ЗНМ.

Во врска со случајот вчера се огласи и Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, од каде соопштија дека штипското Основно јавно обвинителство постапува и издава наредби и насоки за негово расчистување.
Според Обвинителството, дадени се наредби за вештачења кои треба да ги утврдат причините за пожарот и да се идентификува можен сторител на евентуално кривично дело, а по нив постапуваат Министерството за внатрешни работи и вешто лице од Дирекцијата за заштита и спасување.
Дополнително, од ОЈО Штип биле дадени насоки да се изврши проверка за евентуални снимки од видео надзор од местото каде е опожарено возилото.