Во снимката, Николоски му препорачува на Јанакиески да не се чепкаат проекти на Нефи Усеини, кој во јавноста стана познат како сопственик на неколку дивоградби во во Охрид
Уште една снимка од разговор меѓу поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и Александар Николоски, кој сега е потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листата на коалицијата „Обнова“ во четвртата изборна единица, се појави денеска на јутјуб-каналот „Обнова на режимот“.
Во снимката, Николоски му препорачува на Јанакиески да не се чепкаат проекти на Нефи Усеини во Охрид, кого го нарекува „бандит“ и посочува дека тоа е дел од договор за избори.
Во снимката насловена „Николоски градежна мафија со Нефи во Охрид“ се слуша како Јанакиески му кажува на Николоски, кој е родум од Охрид, дека има извесен план за градот, како што вели, за зградите во продолжение на „Гранит“.
„Ооо, никако, тоа е од Нефи, од овој бандитот – Албанецот. Згради се тие, така“,
вели Николоски, на што добива потврден одговор од Јанакиески, кој вели дека станува збор за четири згради.
Николоски забележува дека тие објекти се со по осум-девет ката.
„Да, да, од Нефи се тие. Тоа му е дел од договорот за изборите. Никако, те молам“,
вели Николоски.
Нефи Усеини, контроверзниот советник на ДУИ во Општина Охрид, стана познат во јавноста како сопственик на неколку дивоградби во градот кој е под заштита на УНЕСКО.
На каналот на истиот корисник на Јутјуб вчера беше објавена аудиоснимка, исто така од разговор меѓу Николоски и Јанакиески, во врска со локалните изборите во 2013 година.