Двајцата соговорници овој пат разговараат и за „документација и карти“ што треба да бидат уништени
Уште пет снимки што упатуваат на телефонски разговори меѓу сегашниот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и носител на кандидатска листа, Игор Јанушев, и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, се појавија денеска на јутјуб-каналот „Обнова на режимот“.
Во една аудиоснимка се слуша како Јанакиески му вели на Јанушев да се распраша за обезбедување четири чартер лета – три од Тревизо, Италија, и еден од Цирих, Швајцарија.
„За нашиве?“,
прашува Јанушев, кој се нуди да се распраша кај „на Ивановиќ сестра ѝ“.
„Шефе, максимум еден може да прими 180. Ристе ѝ рекол на Рената дека 260 било досега, ама бројката ќе расте. Ние немаме ни фиксна бројка“,
вели Јанушев во друг телефонски разговор со Јанакиески, повторно за летовите.
На тоа Јанакиески одговара: „Игор, вие резервирајте два авиона, ако треба, вториот празен нека биде“.
„Шефе, тоа се плус 150 илјади евра“,
одговара Јанушев.
На Јанакиески не му се верува и му вели на Јанушев да се јави во „Визер“.
„Толку се, 300 од Тревизо, 120 Швајцарија“,
вели Јанакиески, најверојатно за тоа колку патници треба да бидат донесени од двете дестинации.
Во следниот разговор се спомнува дека „за тие цени“ патниците ќе ги донесат во недела претпладне, а ќе ги вратат во недела попладне.
Потоа, во друга снимка Јанушев и Јанакиески зборуваат дека летовите од Тревизо и од Цирих ќе чинат 190 илјади евра.
„На ’Бетон’ пушти му го тоа на мејл и да плати“,
дава насоки Јанакиески.
Во последниот разговор, Јанакиески го прашува Јанушев дали средиле сѐ со уништување на картите и документите.
„Да, да, средивме сѐ. Кај Наде се. Сега не знам кога, денеска-утре ќе ги уништуваат“,
одговара Јанушев.
Последниот разговор упатува на тоа дека „уништувањето на картите и документите“ се случува додека Јанакиески е сѐ уште член на владата на Никола Груевски. Односно пред мај 2015 година, кога тој поднесе оставка, во ист ден со тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и директорот на УБК, Сашо Мијалков, набрзо по настаните во Диво Насеље во Куманово. Имено, Јанакиески, во телефонскиот разговор со Јанушев, кажува дека бил на две седници на комисии во Владата.
Во текот на викендот, исто така, беа објавени снимки од Јанушев и Јанакиески, во кои тие разговараат, меѓу другото, и за список на вработени во „Телеком“ кој бил пратен кај Жарко Луковски.
Пред тоа, пак, беа објавени снимки од нивни разговори за списоци со гласачи.
Карактеристична беше снимката во која Јанушев вели дека ќе ѝ удри бокс в лице на својата сопартијка, што предизвика реакции од Клубот на жени на СДСМ.