Со претседателските ќе се одржат и локални избори во три општини: во Охрид на крајниот југозапад, во Дебар на крајниот запад и во Ново Село на крајниот југоисток.
ОХРИД
Бисерот балкански – Охрид, подолго време не зрачи во полн сјај. Причините се повеќе: Охрид е еден од рекордерите во иселување, ова е една од најзадолжените општини во земјава, а нефункционалниот колектор и бесправното градење ја загрозуваат уникатноста на езерото и крајбрежјето.
„Па мора да се грижиме затоа што секирата од УНЕСКО ни стои врз глава.“
„За Охридското Езеро треба да се води сметка повеќе.“
„Треба да се подобри менталитетот, да се тргне егоизмот, само тоа.“ – велат жителите на Охрид со кои поразговаравме.
Можност да помогне за решавање на проблемите во нашиот најпознат туристички центар ќе има еден од петтемина кандидати за нов градоначалник: Константи Георгиески од СДСМ, Митре Милошески поддржан од ВМРО ДПМНЕ, Михаил Трендафилов – Нанче од Граѓанско-демократска унија, Стевче Стевоски од партијата Демократи и Џемал Мена од движењето „Беса“.
Неврохирургот Митре Милошески првпат е на теренот на политиката. И другите во семејството се доктори – сопругата, синот и ќерката. Себе си се смета за граѓански кандидат поддржан од ВМРО ДПМНЕ. Вели дека приоритет му се професионализација на општинската администрација, развој на туризмот, заштита на езерото и почист град без нелегална градба.
„Основно ми е да биде Охрид убав. Некако Охрид, последните години, со невидената градежна евазија го смени својот лик. Од најчист и најубав град, некако се промени. Охрид стана нечист, дури стана и загаден град.“ – вели Милошески.
Константин Георгиески е кандидат на СДСМ. Тој е актуелен в.д. градоначалник на Охрид по смртта на досегашниот Јован Стојаноски. И тој е доктор – интернист. Вели дека се залага за ефикасна администрација и владеење на правото за сите.
„Охрид – стабилен туристички центар, развиен, среден, чист, со среќни охриѓани, со широки и чисти булевари, со заштитено езеро, со средени плажи, со развиена планина, со туристичка сезона 365 дена во годината.“ – изјави Георгиески.
Михаил Трендафилов-Нанче е бизнисмен и граѓански активист од невладината „Совест“. Како кандидат за градоначалник е поддржан од партијата Граѓанско-демократска унија формирана пред околу една година.
„Охрид треба да биде еден извор во кој ќе клокоти од сите страни. Цела охридска општина поврзана со Дебар, Крушево, Битола, Ресен, значи цел југозападен регион да биде поврзан со Охрид. Туризмот максимално застапен, спортот и културата.“ – рече Трендафилов.
Еве чии гласови очекуваат да завршат на нивно конто.
„Јас ги барам гласовите на секој чесен граѓанин, на секој доблесен граѓанин кој се согласува со ова мое размислување. Мене не ми требаат гласови на нечесните луѓе, не ми требаат гласови на нечесните бизнисмени, не ми требаат никакви гласови кои потоа ќе ми бидат баласт или товар во мојата работа.“ – додава Милошески.
„На локални избори луѓето обично гласаат за личност. Има улога партиската определба и провиниенција, меѓутоа сметам дека охриѓани се доволно разумни, имаат сенс и за приликите и за тоа кој направил и што направил за само година и пол за Охрид.“ – додава Георгиески.
„Хипотеки имаат и едниот и другиот, хипотеки носат од своите партии кои, гледајќи ги како се препукуваат едни со други, како се обвинуваат едни со други, како си ги вадат сите гнасни работи, јас си седам и си велам, па јас овие ќе ги победам сто наспрема нула.“ – додава Трендафилов.
ДЕБАР
Многумина жители на Дебар ни раскажаа дека градот егзистира благодарение на близината со Албанија и гостите што доаѓаат од таму, инаку…
„Тоа е празен град. И тоа сите се во Америка.“
„Ако има некаква можност за странство, сите бегаат од Дебар. Тоа е тоа.“
Ти би сакал да си заминеш?
„Нормално, бидејќи тука нема што да се прави.“
„Со осум илјади денари може човек да живее? Толку ти викаат.“
„Дебар беше познат град за образование, за култура, за домаќински пречек, за чистота, а денеска е како што гледате и самите.“ – велат дебрани.
Во Дебар има двајца кандидати за општински татко. И двајцата се доктори: Хекуран Дука од ДУИ и Арбен Аголи од Алијанса за Албанците.
Аголи е педијатар и има своја амбуланта. На претходните локални избори му беше противкандидат на починатиот градоначалник Ружди Љата од ДУИ, кој тогаш победи со тесна разлика. Аголи смета дека на Дебар му е потребна промена зашто со години на власт е иста гарнитура.
„Mислиме дека на градот му е потребна поголема транспарентност, бидејќи сѐ е затворено во круг на поедини лица, нема информации за работата на општината и за работата на советот. На градов му треба промена во смисла на подобра чистота, градот да биде почист, за што треба сите да се потрудиме за да успееме.“ – вели Аголи.
Хекуран Дука од ДУИ е уролог. Тој е и актуелен в.д. градоначалник на Дебар. Вели дека има тим и во сорабтка со младите сака Дебар да го направи европски град.
„Ќе се обидеме заедно да се бориме против сите негативни појави и пречки кои ќе постојат за нивно вработување. Ќе се обидеме заедно да сосздадеме услови странските инвеститори, ако имаме во предвид дека се интегрираме во НАТО и во ЕУ, странските инвеститори ќе бидат поспремни да инвестираат во нашиот град бидејќи нивниот капитал ќе биде побезбеден.“ – смета Дука.
На изборите во 2017-та разликата меѓу Ружди Љата и Арбен Аголи беше околу 250 гласа.
„Граѓаните ќе се освестат овој пат. Сигурно ниту еден од нас нема да посегне кон притисоци кон населението, се надевам и очекувам дека ќе ги оставиме луѓето слободно да одлучат и ако одлучат слободно, сметам дека јас ќе бидам идниот градоначалник на Дебар.“ – додава Аголи.
„Промената ќе ја направам на чесен начин. Нема да правам политички финти или уцени. Сакам овој политички циклус или изборната кампања да се организира културно, мирно. Граѓаните да нѐ гласаат само поради програмата.“ – додава Дука.
НОВО СЕЛО
На веб-страницата на Општина Ново Село, во делот за новости, сѐ уште најнова вест е изборот на Боро Стојчев за градоначалник во 2017 година. Тој си поднесе оставка уште во октомври минатата година откако летото беше фатен при шверц на цигари на македонско-бугарската граница.
Затоа Ново Село сега бира нов градоначалник. Жителите од 16-те населени места треба да се одлучат за еден од двајцата кандидати, а победникот ќе ја сефтоса реновираната општинска зграда.
„Јас ќе му предложам зимно време, граѓаните на Општина Ново Село, тие што ќе немаат пари да купат дрва, да се приберат тука во зградата, гледајте колкава убава зграда имаме.“ – вели жител на Ново Село.
Некогаш општината имала дваесеттина вработени, а сега има речиси педесет. Жителите се надеваат дека се доволно за да ги решат хроничните проблеми со инфраструктурата, ниските плати и иселувањето.
„Се иселуваат, некои за егзистенција, некои не знам зошто, имаат примања, а сепак одат во странство. Тоа им стана како навика.“ – раскажува жителка на Ново Село.
Општината се граничи со Бугарија и Грција па локалната економија ја придвижуваат соседите кога доаѓаат за помалку пари да си завршат некоја работа или да ручаат во ресторан. Од помош се и иселениците.
„Бугарите доаѓаат, комшиите, и некогаш нашите кога доаѓаат во лето, одмор кога земаат малку поживо е, инаку нема живот во селото.“ – рече жител на Ново Село.
Што очекуваат по изборот на новата локална власт?
„Они си знаат сами, тие што се главните, ние сме како овци за стрижење, ништо друго.“ – вели жител на Ново Село.
За градоначалник се кандидираа Никола Андонов од СДСМ и Николчо Стоилков од ВМРО ДПМНЕ.
Андонов е познат бизнисмен. Тој еден мандат веќе беше градоначалник на општината од 2005 до 2009 година. Меѓу неговите приоритети е обезбедување чиста вода за пиење за сите населени места, изградба на канализациони мрежи, обезбедување работа за младите за да останат дома.
„Јас повеќе милувам да ја наречам Општина Ново Село најевропска општина во Македонија затоа што граничиме со две европски држави со Бугарија и со Грција. Тоа значи дека имаме доста привилегии да искористиме доста од европските фондови со тие две држави.“ „Преку ИПАРД фондовите да можеме барем да им го покажеме на младите патот како можат да дојдат до почеток на сопствен бизнис или да привлечеме некои странски инвестиции со кои ќе можеме повеќе и повеќе да ги вработуваме младите луѓе за да останат тука.“ – изјави Андонов.
Николчо Стоилков е претседател на Општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ во Ново Село. Вработен е во Царинската управа. И тој ветува водовод и канализација. Смета и дека е потребна поголема грижа за природните убавини со кои изобилува регионот заради развој на туризмот.
„Да направиме општина која ќе го вреднува трудот онака како што доликува, да биде најплатен, ќе направиме општина која ќе понуди можности и мотиви за младите макар да пробаат да инвестираат во свои бизниси се со цел да ги мотивираме да останат тука. За да се реализираат трите постулати ние имаме програма која ги опфаќа тие работи и која што сега се изработува и детално ќе биде претставена кај граѓаните со почетокот на кампањата.“ – вели Стоилков.
Изборниот законик нормира дека во првиот круг за градоначалник е избран кандидатот што освоил мнозинство гласови од оние што гласале под услов на изборите да излегле најмалку една третина од вкупниот број регистрирани избирачи во општината. Ако не излезат една третина, изборите се повторуваат од почеток. Ако пак излегле една третина, но ниеден кандидат не добил мнозинство, по две недели се оди на втор круг, во кој влегуваат двајцата со најмногу гласови од првиот круг. Во вториот круг победник е кандидатот што добил повеќе гласови, без разлика колкумина гласале.