По серијата негативни реакции и критики за завчерашната средба на претседателот на ДУИ, Али Ахмети, со т.н. Вајмарска тројка дипломати во државни простории во Министерството за политички систем, денеска од ресорот на Груби изнесоа тврдења кои се контрадикторни со првичното соопштение од партијата
Во првото соопштение, пратено од партиска е-мејл адреса, се говори дека претседателот на ДУИ, Али Ахмети, се сретнал со дипломатите, без да се спомене името на министерот Артан Груби. Денеска, од Политички систем велат – домаќин бил Артан Груби, а Ахмети бил и во улога на пратеник
Во Министерството за политички систем кое го води Артан Груби, не препознаваат грешка што завчера во службените простории на институцијата се оддржа средба со т.н. Вајмарска тројка европски дипломати, на која присуствуваше лидерот на ДУИ Али Ахмети и за која медиумите дознаа од партиско соопштение. Така, посредно, може да се заклучи од одговорот кој „360 степени“ го доби на прашањата испратени вчера – зошто ДУИ, како партија, искористи државни простории на министерство.
Паралелни реалности
Иако единственото соопштение од средбата беше од партиската адреса на ДУИ и во него воопшто не се споменуваше министерот за политички систем Артан Груби, туку само Али Ахмети и тоа како претседател на ДУИ, од Политички систем денеска велат – домаќин бил вицепремиерот и министер, Артан Груби.

„Средбата беше заедничка, на г-дин Али Ахмети како пратеник и лидер на ДУИ и г-дин Артан Груби како прв потпретседател на Владата.
Поради практични и логистички причини и поради тоа што г-дин Груби беше домаќин, средбата се одржуваше во просториите на МПС“,
велат од Министерството за политички систем.
Дека соопштението од Министерството за политички систем не кореспондира со реалноста, говори и фактот дека два дена по средбата тие немаат објавено информација за средбата на официјалната интернет страницата на институцијата. Тука се и другите факти. Соопштението кое ДУИ го прати завчера по средбата носеше наслов „Ахмети оствари средба со меѓународните претставници и амбасадорите на Германија, Франција и Полска“.
Подолу, го пренесуваме интегрално целото соопштение во кое Али Ахмети е претставен како „претседателот на Демократската унија за интеграција“, а нема ниту збор за присуството на средбата на Артан Груби во каква било функција.

Ахмети оствари средба со меѓународните претставници и амбасадорите на Германија, Франција и Полска
„Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети оствари средба со г-ѓа Ана Лирман, министерка за Европа во Сојузна Република Германија, г-ѓа Лоренс Бун, државен секретар за Европа во Советот на министри на Република Франција и г. Шимон Шинковски вел Сенк, министер за европски прашања на Република Полска, како и амбасадорите на Германија, Франција и Полска во Северна Македонија.
Во фокусот на денешната средба беа клучните околности во кои се наоѓа Северна Македонија за да се забрза нејзиниот чекор кон европската интеграција, како што се важноста од усвојувањето на уставните измени, надминувањето на спорот со Бугарија по примерот на француско-германското помирување, посветеноста во спроведувањето на внатрешните реформи, процеси кои бараат компактно дејствување од сите општествени чинители.
Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети пред претставниците на меѓународните сојузници на земјата ја елаборираше иницијативата што ја презема неговиот субјект за создавање европски фронт, постојаното инсистирање за рефлектирање од сите партии за надминување на овој ќорсокак, верувајќи дека дури и во редовите на опозициската ВМРО ДПМНЕ има европски сили кои мислат за доброто на државата и не ја сакаат нејзината изолација.
Тој нагласи и дека ДУИ останува постојан чувар на Охридскиот договор, Договорот од Преспа и Договорот за добрососедство, кои се склучени со поддршка на меѓународниот фактор и се сржта на мирот, напредокот и европската перспектива на земјата.
Претставниците на земјите членки на Европа на денешната средба ја изразија својата длабока поддршка за преземање на соодветните чекори кои ќе ја доведат земјата и регионот таму каде што припаѓаат, во Европската Унија“,
соопштија од ДУИ на 17 јули 2019 година, нешто пред 22 часот.
Грковска бара Ковачевски да го казни Груби
Користењето на просториите на Министерството за политички систем за партиски потреби на ДУИ не е прв пат. Во изминативе месеци имаше неколку такви случаи. На линкот до текстот подолу може да ја прочитате „историјата на слуачајот“.
За постапките на Груби беше отворен предмет во Државната комисија за спречување на корупцијата, а потоа Груби беше опоменат и од вицепремиерката за добро владеење, Славица Грковска. Одговарајќи на новинарско прашање во мај годинава, тој кажа дека ако има проблем тогаш ќе гледал да не се повторува.
Сега, вицепремиерката Грковска најави дека Груби пак ќе биде опоменат.

„Жал ми е што и покрај опомената што ја изрековме првиот пат има повторување на истото, во тој случај ние покрај тоа што повторно ќе искажеме опомена ќе го информираме премиерот дека се повторува праксата државни простории да се користат за партиски институции, а тоа воопшто не е во линија не само во рамките на одредбите на Етичкиот кодекс, туку и во однос на насоките и определбата на поделба на партија од државата. Треба да бидеме уште повеќе посветени да ставаме јасна дистинкција што е партиска, а што државна активност. Исто така, размислувам дали има можности и за други мерки и реакции, но за тоа кога ќе бидам сигурна и кога ќе одлучам што понатаму во овој аспект“,
рече денеска Грковска.
Повелете, канат од Политички систем
Вчера, кога „360 степени“ го отвори прашањето, побаравме став и од Миша Поповиќ од Институтот за демократија, чија потесна специјалност е антикорупцијата и политичката култура. Неговиот став беше дека станува збор за пример на мешање на партијата и државата.

„Користењето на простории на Министерството за средби во име на партијата не оди во полза на принципите на поделба помеѓу партиите и државата. За вакви средби Клубот на пратеници е логичен простор, бидејќи е простор и во корист на мнозинството и опозицијата и со тоа дом на претставници од повеќе партии.
Во суштина, проблемот не е каде физички ќе се среќаваат, затоа што во некои услови може да е практично гостите да ги остварат сите средби на едно место (па и министерство). Проблемот е кога одреден простор, кој е на јавна власт, станува место за средба на партија во која членува раководителот на институцијата. На тој начин партијата добива привилегирана позиција во однос на останатите“,
изјави Миша Поповиќ од Институтот за демократија.
А од политички систем, освен што се обидоа да го „избришат“ напишаното во соопштението на ДУИ од пред два дена, велат и – бујрум функционери во нашите простории.
„Сите избрани и именувани лица се добредојдени да ги користат просторите за работни средби.
Просторите на МПС се постапени безброј пати на други институции, невладини организации, итк. (види веб страна)“,
велат од Министерството за политички систем.